Еден од шест случаи во светот: Момче излечено од Ковид-19 во „8 Септември“ со компликации на мозок


Во ГОБ „8 Септември“ сега има хоспитализирани 22 лица (Фото: Б. Грданоски)

Министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил објави дека во ГОБ „8 Септември“ е излекуван пациент кај кого коронавирусот предизвикал воспаление на мозокот.

„Ова е шестти познат случај во светот каде Ковид-19 развил ваква клиничка слика – велат докторите кои му го спасиле животот на младиот човек. Ова е реткост во светот и убава вест меѓу медицинските работници во установата кои со месеци секојдневно водат битки со Kовид-19“, напиша тој.

Според пишувањата на некои медиуми, момчето било лекувано со терапија која била спроведена во консултација со болници од странство каде имале ваков случај, а на последниот преглед се покажало дека неговата состојба е одлична.

Денеска во болницата „8 Септември“ се примени нови девет пациенти, десет пациенти оздравиле и си заминале, а починале двајца. На респиратор се четворица пациенти, а исто толку успешно го поминале процесот на одржување на респираторна машина.