Еден од кандидатите за претседател на Словенија ја повлече кандидатурата поради закани


Музичарот Грегор Безеншек, кој се кандидираше на словенечките претседателски избори, денеска ја повлече својата кандидатура.

Безеншек во септември прв поднесе кандидатура за изборите закажани за 23 октомври.

Тој на прес-конференција појасни дека поради тоа, изминатиов период бил изложен на „исклучителни притисоци, непријателски пораки и закани“, јави словенечката новинска агенција СТА.

Без да каже детали, Безеншек додаде дека е против секаков говор на омраза и каква било агресија.

Неговиот изборен штаб ги потврди заканите, што оделе и во насока кон физичко насилство.

Државната изборна комисија веќе ја потврди кандидатурата на Безеншек, кој како независен кандидат доби поддршка од 5.673 гласачи. Според комисијата, станува збор за прв случај каде кандидат ја повлекува согласноста за веќе потврдена кандидатура.

Рокот за повлекување на согласноста за кандидатурата за претседател истекува денеска.

По повлекувањето на Безеншек, во претседателската трка остануваат седум кандидати. Претставникот на партијата Нова Словенија – Јанез Циглер Краљ, градоначалникот на Кочевје и кандидат на зелената партија Весна – Владимир Пребилиќ, претставникот на опозициската Словенечка демократска партија – Анже Логар, адвокатката Наташа Пирц Мусар, претставникот на партијата Левица – Михо Кордиш, европратеникот и заеднички кандидат на Социјалните демократи и Движењето слобода – Милан Брглез и кандидатката на партијата Ресни.ца – Сабина Сенчар.