Косово не може да го најде еден од бегалците од „Монструм“


Африм Исмаиловиќ, еден од обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро, кој се товари дека е извршител на грозоморното убиство, не можеле да го најдат ниту во Косово.

Македонското министерство за правда со години бара двајцата првообвинети во случајот „Монструм“ да бидат екстрадирани од Косово во Македонија, но нивните колеги на Косово не покажуваат добра волја да ги испорачаат Алил Демири и Африм Исмаиловиќ во земјава за да им се суди.

Последната информација која стигнала од Косово во македонското министерство за правда, е дека лицето Африм Исмаиловиќ не може да биде пронајдено и лоцирано. За другиот обвинет Демири во дописот не стигнала никаква информација.

Сега министерството за правда ќе испрати ургенција и ќе побара од косовски власти да направат напори за пронаоѓање на лицето и негова екстрадиција.

По петкратното убиство, овие двајца обвинети избегаа од Македонија, а на другите им се суди по втор пат откако случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство.