Еден месец притвор за полицаецот упасен во северно Косово


Основниот суд во Приштина му одреди притвор во траење од 30 дена на полицискиот истражител Раде Басара, кој беше уапсен во средата, на 16 октомври, поради обвинение за поврзаност со убиството на политичарот Оливер Ивановиќ во јануари минатата година.

Одделот за тежок криминал на Судот во приштина соопшти дека го прифатил барањето на Специјалното обвинителство за одредување на мерката притвор за Басара и оценил дека се исполнети условите за изрекување на мерката, „поради постоење на околности кои наведуваат на опасноста од бегство на осомничениот“.

Обвинението го товари Басара за „учество или организирање на злосторничка група“ и „злоупотреба на службената позиција или авторитет“, според Кривичниот закон на Република Косово.

Во завчерашната обемна акција на специјалните единици на косовската полиција во северно Косово, покрај Басара, кој се сомничи дека како полициски истражител кој ја водел истрагата за убиството на Ивановиќ, прикривал докази, уапсено е уште едно лице, поради поседување оружје и муниција. Станува збор за синот на шефот на оперативата на пoлицијата во Северна Митровица, Жељко Бојиќ, кој е исто така осомничен за вмешаност во убиството на Ивановиќ.

Жељко Бојиќ не бил во станот кога полицијата отишла да го апси, а подоцна медиумите објавија дека тој се наоѓал на одмор во Будва, Црна Гора, и немал информации дека му се подготвува приведување. Тој се уште не е достапен за косовските истражни органи.

Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, беше убиен на 16 јануари 2018 година во Северна Митровица, во близина на неговиот дом, пред седиштето на неговата партија – Граѓанска иницијатива на Србија, демократија, правда (СДП).