Еден ден во животот на д-р Ентони Фаучи

Д-р Ентони Фаучи во својата канцеларија во Агенцијата за заразни болести

Што прави еден од врвните експерти за инфективни болести кога е тргнат настрана од Белата куќа за време на Ковид-19? Многу работи

 

Ентони Фаучи ја води Агенцијата за заразни болести на Националниот институт за здравство од времето кога Роналд Реган беше претседател и оттогаш играше клучни улоги во буквално секоја интервенција и политика на јавното здравство. Тоа е сè додека неговата искреност за пандемијата на корона вирусот не им противрече на невистините на претседателот Доналд Трамп.

Со месеци Белата куќа во голема мера го занемари советот на Фаучи. Трамп, неговите сојузници и десничарските медиуми го насликаа мекиот на збор човек од Бруклин како негативец. Трамп постојано се закануваше дека ќе го прекине работниот однос на Фаучи (нешто што тој навистина не може да го стори). Толпите на митинзите на Трамп скандираа „Отпушти го Фаучи!“ Поранешниот советник на Трамп, Стив Банон, рече дека Фаучи треба да биде погубен и главата да се стави на колец во дворот на Белата куќа.

Но, Фаучи задржа немилосрдно темпо обидувајќи се да го поправи курсот на земјата со корона вирусот.

„Секој ден е различен“, изјави Фаучи, кој полни 80 години овој месец, за „Хаф пост“ во интервју, ден пред Денот на благодарноста.

Претходната вечер тој беше буден до околу 23 часот пребирајќи низ планината од и-мејл пораки сѐ додека не беше преморен за да продолжи. „Добивам повеќе од илјада електронски пораки на ден и кога ќе се прикажат на екран тие ги покриваат оние стотици со кои треба да се справам“, рече тој. „Тогаш, имате буквално еден ден ѕид до ѕид“.

Тој се разбуди во 5:10 часот наутро во средата, соочувајќи се со ден со само 20 минути непланирано време. Тој очекуваше да ја изгуби и таа пауза бидејќи се појавија нови деловни активности во текот на денот.

Со хоризонтот на националниот празник, најголемиот дел од неговиот 18-часовен работен ден требаше да го помине со медиумите.

Еве како изгледаше Денот на благодарноста на Фаучи.

  • од 5:10 до 6 часот туширање и бричење
  • од 6 до 6:30 преглед на мејловите непрочитани од вечерта
  • од 6:30 до 7 часот наутро се појави на „Добро утро Америка“ на Еј-би-си
  • од 7 до 7:30 часот патува од дома до работа
  • од 7:30 до 8 часот се појави во „Вашингтон журнал“ на C-SPAN
  • од 8 до 08:30 часот се појави на „The Takeaway“ на WNYC-FM
  • од 8:30 до 9 часот интервју со телевизиска станица во Чикаго
  • од 9 до 10 часот посета на двајца тешко болни пациенти со Ковид-19 под третман во Клиничкиот центар на НИХ и нивните примарни лекари
  • од 10 до 10:30 часот видео состанок со високиот персонал на Националниот институт за алергии и заразни болести
  • од 10:30 до 11:00 часот интервју со репортер на весник
  • од 11:00 до 11:50 часот видео состанок со секретарот за здравство Алекс Азар, директорот на НИХ, Франсис Колинс, директорот на ЦДЦ, Роберт Редфилд, администраторот на ФДА Стивен Хан и други здравствени службеници
  • од 11:50 до 12 часот одмор во бањата и повеќе е-пошта
  • од 12 до 12:30 часот интервју со Бајрон Ален за theGrio за скептицизмот во врска со вакцината меѓу црните Американци
  • од 12:30 до 13 часот интервју за „Хаф пост“
  • од13 часот до 13:30 часот уште едно телевизиско појавување
  • од 13:30 до 13:50 часот неостварливата закажана пауза
  • од 13:50 до 14:30 часот уште едно интервју за весник
  • од 14:30 до 15 часот интервју за научно списание
  • од 15 до 15:30 часот подготовки за претстојниот говор во „центрите за наука и меѓународно нешто или друго, еден од оние тинк-тенкови во Вашингтон“
  • од 15:30 до 16:30 часот видео состанок со работната група за корона вирус во Белата куќа
  • од 16:30 до 17:30 часот видео состанок со научници за вакцини
  • од 17:30 до 19 часот одговарање на телефонски повици

До 19 часот тој се надеваше дека ќе биде на пат кон дома, каде неговиот ден ќе заврши со 45-минутна прошетка со сопругата Кристин Грејди, медицинска сестра и началник на одделот за биоетика во Клиничкиот центар на НИХ. Потоа, тој планираше да вечера проследено со повеќе повици и е-пошта сѐ додека можеше да ги задржи очите отворени.

Деновиве нема многу простор за личен живот. Фаучи не се вози со метро во Вашингтон. Тој не се обиде да се дружи безбедно со пријателите или семејството. Неговите возрасни деца не дојдоа дома за Денот на благодарноста оваа година, бидејќи ги молеше и другите да не го прават тоа.

Тој не може да си дозволи да се разболи од болеста со која ги поминува деновите борејќи се. „Прво, затоа што никој не сака да се зарази, но второ, јас навистина имам важна работа и би мразел да лежам затоа што се заразив“, рече тој.

Но, тој и Грејди станаа и повнимателни среде насилната реторика од Трамп и другите конзервативци, која вклучува закани со смрт и малтретирање.

„Имам федерални агенти кои ме штитат. Така, тие ме возат на работа, остануваат тука, се грижат никој да не се обиде да ми упадне [до мојот дом] и, како што би сакал Стив Банон, некој да ме обезглави “, рече Фаучи. „Не се дружам. Само сме јас, сопругата и федералните агенти. Некако станавме како нова семејна единица“.

Дури и деталното раскажување ја потценува исполнетоста на деновите на Фаучи. Тој користи два лаптопа за своите многубројни видео повици и техничар го најавува на следниот состанок додека тој присуствува на тековниот. Разменува компјутери и продолжува, не го промашува ритамот.

Додека влегува во својата деветта деценија, Фаучи не брза да го забави темпото. Во четвртокот, тој изјави за Си-би-ес дека планира да остане во НИХ под администрација на Бајден, што го направи пандемискиот одговор најголем приоритет. Одговорностите на Фаучи веројатно ќе се зголемат под претседател кој не е склон да ја негира сериозноста на епидемијата. (Хаф пост)