Ед Ширан има најпосетена турнеја во историјата на музиката


Англија– Поп-ѕвездата Ед Ширан им се заблагодари на обожавателите кои одлучија да ги посетат неговите настапи во рамки на турнејата „Divide“ и кои придонесоа овие неколку концерти да бидат најголемата, најпосетена и најплатена турнеја во историјата на музиката.

Со оваа турнеја, Ширан собори неколку рекорди кои досега ги држеше планетарно славниот рок-бенд „ Ју-Ту“, пренесува Би-би-си.

Турнејата „Divide“ започна на 16 март, 2017 година, во Торино, а ќе заврши со концертот во Чантри Парк во Ипсвич, на 26 август оваа година.

Кога ќе дојде последниот концерт, според некои проценки, Ед Ширан на пат ќе има поминато 893 дена, наспроти до скоро рекордните 760, колку што „Ју-Ту“ патуваше на своите концерти. Исто така, со својот настап во Франција во мај, Ширан го надмина рекордот на посетеност на најуспешниот концерт на Боно и екипата. Проценката за вкупната бројка на посетители се движи околу 8,1 милиони.

Во рамките на „Divide“, пејачот одржа рекордни 225 настапи, наспроти 100-те настапи што ги имаа „Ју-Ту“ на својата турнеја „360“.