ЕЦДЦ: Затворањето граници не влијае многу за спречување на ширењето на вирусот

Фото: Б. Грданоски

Затворањето на границите не придонесува многу во спречувањето на ширењето на епидемијата на новиот коронавирус, соопшти денеска Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Тие истакнаа дека мерките како што се тестирање на патниците пред поаѓање или мерење на температурата при пристигнување, генерално не се ефикасни.

Во извештајот Европскиот центар за превенција и контрола на болести проценува дека затворањето на границите имало многу негативни ефекти врз економијата и било ефикасно само кога станува збор за одложување на епидемијата на нејзиниот почеток и во изолирани региони.

„Достапните докази не ги поддржуваат препораките за затворање на границата, што ќе предизвика значителни несакани ефекти и социјални и економски нарушувања во ЕУ, што нормално функционира со отворени граници меѓу земјите членки“, соопшти Европската здравствена агенција.

Извештајот, исто така, укажува на тоа дека епидемиолошките податоци може да не се сигурни бидејќи европските земји не применуваат заеднички пристап за тестирање за Ковид 19 и известување за случаи, што го прави невозможно споредувањето на стапките на ширење на епидемијата.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека принудувањето на луѓето да бидат тестирани пред патување може да има само ограничена вредност затоа што патникот може да се зарази непосредно пред поаѓање или за време на патувањето поради двонеделниот период на инкубација за тој вирус.

Што се однесува до проверката на температурата на патниците при пристигнувањето, ЕЦДЦ посочува дека патниците веќе можат да бидат заразени без да имаат температура.

Прашалниците пополнети од патниците за нивното здравје можат да понудат дополнителни корисни информации, но претставуваат ризик кога станува збор за заштита на податоците, според ЕЦДЦ.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести исто така потенцира дека сертификатите за имунитет издадени по тест за антитела не се сигурни.