ЕЦБ: Зголемени ризиците за финансиското здравје на банките, државите и домаќинствата
Европската централна банка (ЕЦБ) денеска предупреди на зголемените ризици за финансиската стабилност на сите, од банките до владите и домаќинствата, бидејќи економските изгледи се затемнуваат додека официјалните лица се борат со рекордните стапки на инфлација.
Притисоците по трошоците за живот ја намалуваат способноста на луѓето да го сервисираат долгот, а влошената перспектива за економскиот раст во Европа ги загрозува корпоративните профити, соопшти денеска ЕЦБ во својот Извештај за финансиската стабилност.
Документот укажува на потенцијалните опасности за јавните финансии бидејќи владите сè повеќе се задолжуваат за да го ублажат влијанието на енергетската криза и предупредува на натамошен надолен притисок врз цените на акциите.
Исто така, се додава дека цените на недвижностите би можеле да достигнат врв по повеќегодишен пораст.
„Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат последиците од порастот на инфлацијата и забавувањето на економската активност. Нашата проценка е дека ризиците за финансиската стабилност се зголемени, додека техничката рецесија во еврозоната станува се поверојатна“, изјави потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гиндос.
Комбинацијата од зголемените цени и намаленото производство предизвикано од руската војна во Украина претставува предизвик за креаторите на политиката, како и за инвеститорите. ЕЦБ го започна најагресивниот циклус на зголемувања на каматните стапки во својата историја за да спречи инфлацијата да се вкорени, и покрај претстојниот економски пад во еврозоната.
Централната банка на 19-члениот валутен блок ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки и да го намалува портфолиото на обврзници од 5,0 билиони евра на нејзиниот биланс.
Ризичните средства остануваат „нестабилни поради неизвесниот пат на инфлација“, монетарната политика и економските случувања, забележа ЕЦБ, додавајќи дека вредноста на некои акции, вклучително и американските акции, „сè уште изгледа растегната во однос на основните вредности“ – дури и по големи корекции .
„Многу е тешко да се постигне финансиска стабилност без стабилност на цените“, изјави Де Гиндос за новинарите во Франкфурт, според њујоршката агенција.