ЕЦБ: Војната во Украина може да го намали БДП на еврозоната


Војната во Украина може да го намали бруто домашниот производ на еврозоната за 0,3 до 0,4 отсто оваа година, изјави главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ), Филип Лејн.

Тоа би било „неутрално сценарио“, им рече Лејн на колегите на неформалниот состанок на Управниот совет на ЕЦБ, чија агенда непланирано го обележа рускиот напад врз Украина.

Лејн презентираше и „сериозно сценарио“, според кое БДП би се намалил за приближно еден процент и „благо сценарио“, според кое настаните во Украина нема да влијаат на економијата од 19 члена, што сега се смета за малку веројатно.

Гувернерот на грчката централна банка Јанис Стурнарас, поборник за помека монетарна политика и пониски каматни стапки, изјави за Ројтерс дека ЕЦБ треба да продолжи да купува обврзници во редовната програма барем до крајот на годината за да се ублажат ефектите од кризата во Украина.