ЕЦБ ќе продава долгови преку онлајн продавница

Европската централна банка (ЕЦБ) подготвува веб-страница или електронска продавница во стилот на гигантот Амазон каде би продавала стотици милијарди евра банкарски заеми, создадени како резултат на кризата со корона вирусот. ЕЦБ има за цел да ја зајакне економијата и да ги засени големите инвеститори од Волстрит.

Планот, подготвен од највисоки претставници на ЕЦБ, е дел од напорите на 19 земји од еврозоната да се справат со растечкиот куп заостанати неотплатени заеми, со цел да се спречи преземање на средстваата по најниски цени.

„Идејата е да се отвори пазарот за купувачи на помали портфолија со електронска трговија во стилот на Амазон или и-беј (eBay)“, изјави за Ројтерс Едвард О’Брајан, висок претставник на ЕЦБ вклучен во планот.

По последната финансиска криза, големите фондови купија милијарди евра лоши заеми, притоа стекнувајќи многу недвижнини чија цена подоцна драстично порасна.

– На пазарот за лоши заеми доминираат многу големи купувачи. Според типично сценарио, една од овие компании создава многу големо портфолио со значителни попусти, рече О’Брајан.

Студија на „Делоит“ покажа дека од над 450 милијарди долари лоши заеми продадени во Европа помеѓу 2014 и 2019 година, околу половина купиле Серберус, Блекстон, Лоун Стар и Голдман Сакс.

Банките се ослободуваат од лошите долгови, кои обично се само мал дел од нивната номинална вредност, со цел да ги олабават своите биланси и да создадат нови заеми – со што ќе го одржат сопствениот бизнис и економија.