ЕЦБ ги задржа непроменети каматната стапка и програмата за стимуланс

Европската централна банка (ЕЦБ) денеска донесе одлука да ги задржи непроменети каматните стапки и корона- програма за економски стимуланси.

Според Си Ен Би Си, оваа одлука на Централната банка на еврозоната доаѓа и покрај зајакнувањето на девизниот курс на еврото, со кое се тргуваше на ниво од околу 1.835 долари пред седницата на ЕЦБ. Од почетокот на годинава, еврото се зголеми за околу 5,6 проценти во однос на доларот. ЕЦБ внимателно ги следи движењата на единствената валута, бидејќи посилното евро го прави увозот поевтин, што влијае врз извозниците од еврозоната и ги заострува финансиските услови за пошироката економија.

Неочекувано ниската инфлација во еврозоната во август, најниска од 2001 година, отвори и прашања дали ЕЦБ ќе мора да стори повеќе за да ја опорави економијата во еврозоната, пренесува Танјуг.

Сепак, ЕЦБ донесе одлука засега да не прибегнува кон големи промени. Така, каматната стапка на ЕЦБ на главните операции за рефинансирање е задржана на нула проценти, кај заемите за преку ноќ на деловните банки на 0,25 проценти, додека каматната стапка на депозитите кај централната банка остана минус 0,5 проценти.

Покрај тоа, обемот на т.н. Пандемиска програма за итни набавки на ЕЦБ е задржана на 1,35 трилиони евра (1,6 трилиони долари).
Во јуни, ЕЦБ ја зголеми својата корона-програма за стимулирање  за 750 милијарди евра на 1,35 трилиони евра, што ќе трае најмалку до јуни 2021 година. Аналитичарите предвидуваат дека вкупниот износ на оваа програма ќе се зголеми пред крајот на годината.