ЕБРД: Забавените јавни инвестиции може да го намалат растот


Бавноста на Владата на Северна Македонија во реализирањето на јавните инвестиции може да го намали проектираниот раст на економијата од 3 отсто, забележува Европската банка за обнова и развој во мајската прогноза, презентирана на годишниот состанок на Банката во Сараево. Забелешка има и за високата стапка на невработеност, која, иако се намалува, останува висока особено кај младите, каде што достигнува 45 отсто.

„Се очекува растот да се зголеми во 2019 година на 3 отсто, предизвикан од очекуваното обновување на инвестициите и да продолжи со исто темпо во 2020 година. Ризиците на проекцијата се повеќе во надолна линија. Додека решавањето на проблемот со Грција може да го забрза напредокот на државата во пристапот кон ЕУ, зајакнувајќи ја довербата кај инвеститорите и поттикнувајќи го растот, помалку поволните надворешни случувања, главно во еврозоната, и побавно од очекуваното закрепнувањето на инвестициите, особено јавните, може да го намали растот“, стои во извештајот.

Според ЕБРД, за јавниот и јавно гарантираниот долг, кој достигна 49 отсто од БДП на крајот на 2018 година, ќе биде потребно натамошно фискално приспособување за да се стабилизира.

Банката наведува дека Црна Гора и Србија имаат најбрз економски напредок во регионот во 2018 и двете држави имаат стабилен прилив на инвестиции. Албанија, како што се наведува, е изложена на внатрешни ризици, вклучувајќи висок степен на јавен долг и продолжување на домашната политичка криза. За Косово, главен фактор на раст годинава и наредната година ќе биде домашната потрошувачка. Босна и Херцеговина во 2018 имаше раст од 3,1 отсто, а годинава и во 2020 се очекува дека ќе има раст од 3 проценти.

Во рамки на годишниот состанок на Одборот на гувернери на ЕБРД, во Сараево гости беа и челниците на земјите од Западен Балкан, а тема на разговор беше регионалната соработка.

„Потребна ни е помош заснована на искуствата на ЕБРД. Сите имаме исти цели – да се зголеми конкурентноста на нашите претпријатија, да вложуваме во економијата. Ние работиме многу на отворање на граници, почнавме со едношалтерски процеси“, посочил премиерот на Македонија, Зоран Заев.

Земјите во регионот треба да ги зголемат обновливите извори на енергија и да им помогнат на младите луѓе да имаат поотворен пазар и да ја олеснат мобилноста на работната сила, укажал Заев нагласувајќи ја потребата за заедничка понуда на регионот за остатокот од Европа. (А.С.)