ЕБРД обезбеди 20 милиони евра за Шпаркасе банка за кредити за бизниси погодени од коронакризата


Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) обезбедува 20 милиони евра заем на Шпаркасе банка Македонија за кредити за локални приватни бизниси и корпорации засегнати од економската криза поради пандемијата од коронавирусот.

Економијата на Северна Македонија, која е помалку зависна од туризмот за разлика од останатите земји од Западен Балкан, е силно под влијание на трговијата и производството, наведува ЕБРД во соопштение. Ново финансирање е витално за да ја ублажи сегашната ситуација и преку Шпаркасе банка Македонија ЕБРД ќе може да помогне на компаниите на кои им е потребна поддршка.

ЕБРД, како што се посочува во соопштението, одговори брзо на кризата предизвикана од Ковид-19, обезбедувајќи го Пакетот за солидарност. Банката очекува нејзините инвестиции од 21 милијарди во 2020-21, во целост да бидат посветени на одговорот и на обновувањето од пандемијата со коронавирусот.

-Шпаркасе Банка Македонија е водена од принципите на социјално одговорни операции и во согласност со мерките усвоени од Министерството за финансии и Владата на Северна Македонија, донесе мерки и решенија да ги поддржи долгорочните профитабилни бизниси кои денес се под негативно влијание на Ковид-19 пандемијата. Ќе работиме преку нашето партнерство и поддршка од ЕБРД да работиме заеднички со нашите клиенти со цел да ги минимизираме негативните ефекти од коронавирусот во земјата, изјави Глигор Бишев, генералниот директор на Шпаркасе банка Македонија.

Шефот на Канцеларијата на ЕБРД во земјава Анди Аранитаси, истакна дека е горд за потпишувањето на договорот со Шпаркасе банка.

-Обврска на банката е да му служи на приватниот сектор. Обезбедувајќи финансиска помош и ликвидност на бизнисите во овие тешки времиња е од суштинско значење за поддршка на целата економија во земјата, рече Аранитаси.