ЕБРД ни предвидува раст од 2,7 отсто годинава и 2,3 отсто во 2023 година
Европската банка за обнова и развој во најновиот Извештај за регионалните економски изгледи предвидува раст за Северна Македонија од 2,7 отсто во 2022 година и 2,3 отсто во 2023 година. Според ЕБРД клучни ризици се постојано покачените цени, фискалните и ранливостите на надворешниот сектор, како и пролонгираното заклучување во Кина заедно со прогнозираното забавување на извозните пазари на ЕУ, што би влијаело на автомобилската индустрија во земјата.
Во извештајот во делот на Северна Македонија се вели дека растот годинава е умерен од 2,4 отсто и 2,8 отсто на годишно ниво во првите два квартали од 2022 година, по закрепнувањето од 4 проценти во претходната година.
Бруто инвестициите ја предводеа експанзијата, додека потрошувачката на домаќинствата продолжи да биде стабилна во вториот квартал од 2022 година, со пораст од 4 отсто во реални услови. Ова беше поддржано од зголемувањето на минималната плата која стапи во сила од април, продолжувајќи го кредитниот раст.
Номинално, извозот на стоки се зголеми за речиси 20 отсто на годишно ниво во првите седум месеци од 2022 година, но увозот на енергија зачести и поскапе, што доведе до вкупниот раст на увозот од 27 отсто номинално во првите седум месеци и зголемување на дефицитот на тековната сметка. Инфлацијата достигна 16,8 отсто на годишно ниво во август 2022 година, поттикната од порастот на цените на храната и енергијата.
Централната банка ја заостри монетарната политика четири месеци по ред во 2022 година, од 1,25 отсто на 31 април до 2,5 отсто во јули. Следејќи го владиниот пакет социјални мерки усвоен во март за да ја заштити економијата од растот на цените, фискалната консолидација беше одложена откако Собранието во јули усвои ребаланс на буџетот предвидувајќи поголем буџетски дефицит од 5,3 отсто на БДП. Цените на струјата и гасот платени од претпријатијата се водени од пазарните сили кои важат влијаејќи на нивните перформанси, додека за домаќинствата се регулирани, стои во извештајот на ЕБРД во делот на Македонија.