ЕБРД нема разбирање за Арсовска: „Стоиме зад проектот за автобуско метро“

„Сите наши проекти се предмет на многу детална проверка“, велат од ЕБРД, демантирајќи ја градоначалничката на Скопје


Од презентацијата на проектот за автобуско метро на 8 октомври оваа година

 

Проектот на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, станува камен околу вратот за неговата наследничка Данела Арсовска поради тоа што таа сака да се дистанцира од сѐ што претходно се правело во градот. Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) по подолго молчење конечно проговори и рече дека тие детално ги проверуваат сите проекти за кои се бараат кредити од нив пред да донесат одлука. Така е и со автобуското метро (системот наречен Бас рапид транзит – БРТ).

Со тоа директно ја демантираат Арсовска која сака да го прекине проектот, за кој ЕБРД одобри кредит од 70 милиони евра, тврдејќи дека банката немала направено длабински анализи за проектот.

„Објавуваме извонредно детални информации за сите проекти на нашата веб-страница. Сите наши проекти се предмет на многу детална проверка пред да бидат одобрени и горди сме на високите стандарди според кои се раководиме, и истото го очекуваме од нашите партнери и клиенти. Постојат голем број чекори на заштита и проверка, коишто ги применуваме да обезбедиме услови за нашите проекти да ги задоволат овие стандарди“, велат од ЕБОР.

Градоначалничката Данела Арсовска на неколку пати кажува контрадикторни ставови за автобуското метро – прво беше дека можеби ќе има референдум за проектот и за него одлуката да ја донесат скопјани а не таа, за минатата недела да каже дека го стопира бидејќи ќе бил на штета на граѓаните. Наводно поради големи импликации по зеленилото и водоснабдувањето на градот.

Арсовска тогаш рече дека ЕБРД „се како секоја една банка, банката не ви навлегува вам во техничките позиции на проектот“.

Вреојатно оваа изјава ја испровоцира реакцијата на ЕБРД затоа што беа претставени како банка која не сака да навлегува подлабоко во проектите што ги финансисра и само ја интересираат каматите. Затоа во нивната реакција стои: „Сите наши проекти се предмет на многу детална проверка“.

Градоначалничката Арсовска засега нема решение што да прави со автобуското метро. Таа прво велеше дека сака тие 70 милиони евра кредит да ги пренамени за други инвестиции. Но од ЕБРД изјавија дека тие пари се само за БРТ системот и не може да се пренаменуваат, посредно велејќи дека може да пропаднат.  Не  исклучено Данела Арсовска да се премисли и да го продолжи БРТ проектот, како што се премисли и за изградбата на двата моста. (Н.В.)