ЕБОР одобри 2 милиони евра на НЛБ банка за кредити за енергетска ефикасност


Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит во износ од 2 милиони евра на НЛБ Банка Скопје  во Северна Македонија, третата најголема банка во земјата, кои ќе бидат пласирани  на нејзините клиенти за инвестиции кои ќе ја подобрат енергетската ефикасност во нивните домови, соопштија од ЕБОР.

Финансирањето е од Програмата за финансирање на зелена енергија (GEFFна ЕБОР, која промовира инвестиции во енергетска ефикасност во станбениот сектор. Позајмувачите кои аплицираат за овие кредити, ќе имаат право на поврат на средства до 20 отсто од вкупната инвестиција, откако мерките за енергетска ефикасност се успешно имплементирани. Оваа поддршка со грант е обезбедена од Европската Унија (ЕУ).

,,Ни претставува големо задоволство што ја надградуваме соработката со НЛБ Банка Скопје во заедничката тенденција да се подобри пристапот до финансии на граѓаните, кои сакаат да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, преку нашата позната ГЕФФ програма, која станува се попримамлива. Со растечките цени на енергијата во Европа, граѓаните можат да ги користат овие кредитите за да ја намалат потрошувачката на енергија и да ги намалат сметките“, изјави претставникот на ЕБОР за земјава, Анди Аранитаси.

Штефен Худолин, раководител на одделот за соработка во ЕУ делегацијата во Северна Македонија ивели дека ЕУ останува посветена во поддршката на земјата, и за време на оваа енергетска криза ги поддржува програмите за енергетската ефикасност, од кои ѓраѓаните и домаќинствата ќе имаат корист.

„За нас и за идните генерации, треба да мислиме подалеку од тоа што ќе биде утре, и заради тоа нудиме добри финансиски програми кои ќе генерираат пониски сметки за електрична енергија. Нашата иднина е зелена, а транзицијата кон зелена и одржлива енергија е поврзана со добри инвестиции кои ќе ги направиме денес“, вели Худолин.

,,Како една од трите најголеми и системски најважни банки во земјата, веруваме дека имаме важна улога во креирањето на општата клима на финансирање на зелената енергија. Со оваа кредитна линија продолжуваме да обезбедуваме полесен пристап за домаќинствата до финансирање на проекти во врска со обновливи извори на енергија, постигнување на заштеди на енергија и заштита на животната средина, што во целост кореспондира со нашата политика на одговорно кредитирање и одржливост. Горди сме на досегашната соработка со ЕБОР и придонесот кој го имаме во зголемување на свеста за важноста од енергетска ефикасност, како и  во севкупниот успех на Програмата за финансирање на зелена енергија на Западен Балкан “, изјави Бранко Грегановиќ, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

Покрај поддршката со грант од ЕУ, Програмата за финансирање на зелена енергија е поддржана и од Австрија и Инвестициската програма за Западен Балкан  кои обезбедија финансирање на техничката помош за програмата.