ЕБОР ќе продолжи со поддршка на инфраструктурните проекти


Поддршката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе продолжи и во идниот период со надеж за придонес кон побрзо придвижување на економијата, истакнал директорот на ЕБОР надлежен за државава Анди Аранитаси на денешната средба со министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Разговарале за меѓусебната соработка што Министерството за финансии и ЕБОР ја имаат во изминатите години, изразена преку тековните и идните проекти, со поддршка од Европската банка за обнова и развој, а чијашто реализација ќе има влијание врз растот на економијата.

-Моментно најголема поддршка се дава за реализација на проекти во транспортниот сектор, односно патната и железничката инфраструктура и авиотранспортот, како и во делот на енергетската инфраструктура. Меѓу нив се изградбата на патната делница Крива Паланка – Деве Баир, рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, втора делница, Бељаковце – Крива Паланка, како и Проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води Скопје. Во иднина треба да се реализираат и проектите автопатска делница Скопје – Блаце, а се разговара и за автопатската делница Кичево – Гостивар, соопшти Министертсвото за финансии.

На средбата, министерот Бесими истакна дека во овој период од клучно значење е брзо решавање на состојбите со коишто се соочуваат ресорните институции во чијашто надлежност е реализацијата на проектите, со што би се овозможило придвижување на економијата.

-Реализацијата на веќе започнатите проекти ќе биде од големо значење за придвижување на економскиот раст во време на пандемија и, секако, подобрување на инфраструктурата што ќе има позитивен економски ефект и на долг рок. Треба да ја искористиме поддршката од ЕБОР и институционално да најдеме начин за надминување на сите проблеми со коишто се соочуваме во реализацијата на дел од постојните проекти, нагласил Бесими.

Како што потенцирал, со реализацијата на проектите се овозможуваат подобри услови за економските субјекти кои стануваат поконкурентни на пазарот. Воедно, преку реализацијата на капиталните проекти се овозможува работа за стотици домашни фирми и зголемување на вработеноста во градежништвото, навел министерот за финансии.