ЕБОР и Зелениот климатски фонд ќе дадат повеќе пари за програмата Зелени градови


Фото: Б. Грданоски
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за промената на програмата на Зелени градови на Европската Банка за обнова и развој, поддржана од Зелениот климатски фонд.
Како што беше образложемно, ЕБОР подготви сеопфатен предлог за реструктуирање на Програмата Зелени градови поради фактот што во текот на последните пет години, од првичниот дизајн на Програмата, потребите на градовите значително се променија и сè уште се во фаза на закрепнување по трајните влијанија на пандемијата COVID-19, како и глобалните последици од енергетската криза.
 
Со предлогот се предвидуваат зголемување на достапноста на грантови за инфраструктура, подобрена структура на заемот од Зелениот климатски фонд, проширување на опсегот на Програмата за Зелени градови, флексибилност на валутата на заемот, повеќе средства за техничка помош и  повеќе средства за повеќе инвестиции во Северна Македонија.
 
Република Северна Македонија соработуваше со Европската банка за обнова и развој, во рамките на Програмата за Зелени Градови од 2016 година до денес.
 
Скопје се приклучи на зелените градови на ЕБОР во март 2019 година со цел да ја спроведе својота програма за зелено урбанизирање. Со помош на Акцискиот план за зелен град (GCAP), Скопје ќе може да ги утврди, да им даде приоритет и да одговори на неговите најитни предизвици во поглед на животната средина.