ЕБОР го назначи Фатих Туркменоглу за нов Претставник во Северна Македонија

На неговата нова позиција Туркменоглу доаѓа после Анди Аранитаси, кој сега работи како Претставник на ЕБОР за Узбекистан


Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го назначи Фатих Туркменоглу за нов претставник на оваа институција во Северна Македонија, соопштија од ЕБОР.

Туркменоглу е со турска националност, и на Банката ѝ се приклучи во 2012 година како Главен банкар во тимот за Општинска и еколошка инфраструктура, во Истанбул, Турција. Во 2018 година е унапреден во Помошник директор, Постар банкар. Следната година е назначен за претставник на Резидентната канцеларија во Туркменистан, каде воглавно работел на проекти од приватниот сектор.

Тој е искусен меѓународен банкарски професионалец, со богато искуство во инфраструктурно и комерцијално банкарство. Во неговата кариера, специјализирал во имплементација на проекти, меѓугранично финансирање, правни рамки и односи со донаторите. Пред да се приклучи на ЕБОР во 2012 година, има работно искуство во јавниот сектор и комерцијалното банкарство.

Туркменоглу планира дека ЕБОР во Северна Македонија ќе инвестира ЕУР 180 милиони во 2023 година.

„Се радувам на соработката со властите и приватниот сектор, во овој возбудлив период на ЕБОР во Северна Македонија. Посветени сме на поддршката на зелената транзиција на земјата, преку иновативни финансиски производи и со извонредни одржливи проекти кои следат“, изјави Туркменоглу. 

Образованието на Туркменоглу е во областа на економија и финансии од универзитетите во Турција и Велика Британија. На неговата нова позиција доаѓа после Анди Аранитаси, кој сега работи како Претставник на ЕБОР за Узбекистан.

ЕБОР почна да инвестира во Северна Македонија во 1993 година и до сега има инвестирано над 2,6 милијарди евра во 180 проекти, од кои скоро половина се во приватниот сектор. Приоритет на Банката е да ја поддржи земјата во конкурентност, зелена транзиција и натамошна интеграција во регионалните и глобалните пазари, се вели во соопштението до медиумите.