„Ѕвездена музика“ со оркестарот на Филхармонија


„Ѕвездена музика“ е насловот на концертот на оркестарот на Филхармонијата, кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. На програмата е инспиративната компилација на едно од најзначајните дела во историјата на музиката – „Прстенот“ на Рихард Вагнер, како и впечатливиот концерт за тромбон и оркестар „Старгејзер“ од Џонатан Дав. Диригент е Тимоти Редмонд, а солист Питер Мур од Велика Британија.

Тромбонистот Питер Мур на 12 години, во 2008 година, стана најмладиот победник на натпреварот за млади музички уметници на Би-би-си. На 18 години Мур беше назначен за коглавен тромбонист на престижниот Лондонски симфониски оркестар.

„Мојот стил во минатото беше да ги земам работите во мои раце и да не размислувам за далечната иднина, но кога ќе погледнам назад, да, имав среќа да бидам дел од толку многу прекрасни музички искуства“, вели Мур.

Тимоти Редмонд се усовршувал на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез. Од 2006 година Тимоти Редмонд е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на Би-би-си и многу други. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции. Неодамна во САД, Редмонд работи како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а неодамна ја збогатува сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“.

„Прстенот на Нибелунзите“ од Рихард Вагнер не е само најамбициозно, туку и едно од најимагинативните музичко-сценски дела во историјата на музиката. Специфична карактеристика на музичкиот стил во ова дело е техниката што ја развива Вагнер преку иновативниот принцип на лајтмотиви – кратки музички фрази, кои музички отсликуваат личност, објект или идеја. Овие лајтмотиви играат значајна улога во „Прстенот“ во океанот од звуци и форми што го надополнуваат драмскиот развој на делото. Со цел да се приближи музиката од овoj музичко-сценски циклус до пошироката публика, направени се оркестарски аранжмани од современиците на Вагнер. Во овие аранжмани оркестарот има главна улога, нема големи интервенции во музичкиот дело, а резултатот е толку убедлив, што воопшто не се забележува дека станува збор за аранжмани.