Делови од Скопје обвиени во магла и со високо загадување од ПМ честички

Според мерните станици на мрежата Air Care, највисоки се вредностите на загадувачките честички во Лисиче и во Гази Баба


Фото: Независен

Дел од Скопје утрово се разбуди во магла и загаден воздух. Во населбите Аеродром, Ново Лисиче видливста е намалена како да е зимско утро,  вредностите на ПМ 10 и ПМ 2,5 се во црвената зона, а во воздухот и понатаму се чувствува мирис на изгорено.

Иако уште вчера Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи информираа дека пожарот во депонијата Вардариште е изгаснат и дека нема ниту чадење на заостанати жаришта, а Владата и Министерството за животна средина објавија забрана за движење на локацијата, очигледно е дека граѓаните на тој дел од градот ќе ги чувствуваат последиците подолго време.

Фото: Независен

Според мерните станици на мрежата Air Care, највисоки се вредностите на загадувачките честички во Лисиче, 90 микрограми на кубен метар ПМ 10 и 45 микрограми ПМ 2,5, и во Гази Баба 77 ПМ 10 и 32 Пм 2,5. Повисоки вредности на загадување има и во Аеродром, Мичурин и Реонски Центар.

Во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата Дрисла од кој имаше чадење. Денеска затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејки вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка, информира утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Фото: Независен

Чадењето од депонијата Дрисла е сѐ уште присутно, но во многу помал обем, и, според Ангелов, не е причина за утринската магла во Скопје. Дивата депонија Вардариште, пак, е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење.

Во врска со полемиките дали воздухот е дополнително загаден од депонијата Дрисла, од ДЗС упатуваат да се побара официјална информација од надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање каде постои Одделение за мониторинг на квалитет на воздух.