ДЗС доби донација АТВ возило за тешки пристапни терени
Дирекцијата за заштита и спасување доби донација АТВ возило за тешки пристапни терени. Возилото во вредност од 17.650 евра, денеска во Скопје, го предаде амбасадорката на Романија Моника Аксинте.
Донацијата е од романската влада преку Романската агенција за меѓународна развојна соработка – RoAid, во рамки на проектот насловен „Помош и трансфер на експертиза во областа на управувањето со вонредни состојби”, спроведен во 2021 година од RoAid, во корист на ДЗС.
– Се надевам дека ова возило АТВ ќе донесе мал, но значаен придонес во поддршката на напорите на специјализираните тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, со што се помага да се спасат животите на граѓаните на кои им е потребна итна помош, изјави на денешната прес-конференција амбасадорката Аксинте.
Таа исто така најави нов проект на RoAid кој веќе е одобрен и ќе се финансира во 2022 година, во вредност од околу 20.000 евра.
– Проектот е насловен „Зголемување на оперативниот капацитет на ДЗС преку доделување стоки и/или трансфер на експертиза со цел усогласување на националното законодавство со регулативите на ЕУ за итни случаи. Овој проект е наменет да и помогне на Северна Македонија да се приближи до законодавството на ЕУ на ова поле, како конкретен придонес на Романија во поддршката на унапредувањето на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, истакна Аксинте.

Директорот на ДЗС, Беким Максути, потенцираше дека ова е уште еден показател дека сите наши пријатели, сите наши сојузници, вклучувајќи ја и Република Романија стојат заедно со нас за нашите заложби за поспремни да бидеме дел од ЕУ.
– Дирекцијата за заштита и спасување упатува големи честитки и благодарност до романската Влада, до амбасадорката, која што веќе наговести и друг проект за оваа година во вредност од 20 илјади евра, и ќе видиме со опрема каде што можеме да си помагаме самите себеси ДЗС, но и на локалните власти во одредени помали места каде што имаат потреба од донации и од дополнителна опрема за справување полесно со било какви незгоди коишто може да се случуваат, дали се тоа пожарите, поплавите,сообраќајните незгоди и друго, изјави Максути.