ДЗС демантира дека може да се самопопишат лица кои се откажале од македонско дрѓавјанство


Државниот завод за статистика најостро ги демантира информациите што се појавија во јавноста дека постои можност да се самопопишат и лица кои се откажале од македонското државјанство. Тоа се дезинформации, објавија од ДСС на официјалниот ФБ профил.

– Прв услов е лицата што се попишале да ги има во базата на државјани на МВР. По вкрстување на базите, оние лица коишто ги нема ќе бидат отстранети, иако се обиделе да се попишат со пасивизиран матичен број. ДЗС дејствува по сериозна методологија и се води по најстрогите и најсовремени стандарди на проверки при попишувањето и секој обид за дезинформирање и манипулирање со населението ќе биде веднаш демантиран и разобличен, појаснуваат на ФБ профилот од ДЗС. 

Инаку, како што соопштија претходно, евиденцијата на самопопишувањето покажува бројка од 171.620 државјани на РСМ кои живеат во странство и кои се самопопишале на електронската апликација од почетокот на овој процес од 1 март до денес, информираат од Државниот завод за статистика.

Само во последното деноноќие се попишани 11.101 лице.

– Интересни се и бројките по земји: Дали сте знаеле дека во Џибути има тројца македонски државјани кои се самопопишале, во Тувалу и во Свалбард и Јан Мајен по четири, во Северни Маријански Острови 11 итн. Навистина нè има насекаде и тоа треба да го покажеме, се вели во соопштението од ДЗС.

Процесот на самопишување почна на 1 март и ќе трае до 21 април, а преку апликацијата се попишуваат македонските државјани кои престојуваат во странство, поради работа или други лични причини, но и подолго од 12 месеци.