Скопски „Водовод“ плаќа 1,9 милиони евра за адвокати за наплата на долг од 1,5 милиони евра


Фото: Б. Грданоски

 

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје има искажани, но неплатени обврски кон државниот Буџет за повеќе години наназад во износ од 185,543 милиони денари или околу 3 милиони евра за надоместоци за користење и испуштање во води, се посочува во  Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од извршената ревизија на финансиските извештаи на скопски водовод за 2021 година.

– Ревизорите со извршената ревизија утврдиле дека во период од 2017 до 2022 година количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода, односно процентот на нефактурираната вода се движи околу 60 отсто, што е двојно повисоко од нејзиното оптимално ниво предвидено со Стратегијата за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем на Град Скопје, наведува ДЗР.

Со извршената ревизија, меѓу другото, е констатирано дека од вкупно 295.750 корисници на вода до денот на известување за ревизијата, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 89.634 корисници или со 30 проценти од нив. Најголемиот дел од корисниците со кои не е склучен договор или 97 отсто се од категоријата „домаќинство“, додека останатите три проценти се од категоријата „стопанство“.

Според ДЗР, ова може да предизвика отежната наплата на извршените услуги и да претставува тешкотија за непречено остварување на правата и обврските на давателите и на корисниците на услугите. 

Во извештајот е наведено дека земјиштата и градежните објекти претставуваат 83 проценти од вкупната вредност на материјални средства на претпријатието, при што се утврдени нерегулирани права на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности за земјиштето и дел од градежните објекти кои во деловните книги се евидентирани со вредност од 100,729 милиони денари (околу 1,6 милиони евра), неевидентирани објекти, неусогласена евиденција и евиденција без уредна документација, што влијаат на параметрите при формирањето на цената на тарифите за водните услуги, која се формира согласно Методологијата за определување на тарифите за водна услуга и е одобрена од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), врз основа на официјални податоци од сметководствена евиденција на „Водовод и канализација“.

– Ревизорите утврдиле дека извршениот попис на средствата и обврските на крајот на годината не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис. Исто така, расходуваните средства по попис, се отстранети од сметководствената евиденција, иако не се преземени натамошни мерки за нивно отуѓување или уништување, информира ДРЗ.

Покрај ова, ревизорите констатирале и слабости во примената на Законот за јавни набавки, пред се во делот на обезбедување на конкуренција, еднаков третман на сите економски оператори учесници во спроведените постапки, како и на рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките за доделување на договори за јавни набавки.

ДЗР посочува дека е потребно и преиспитување на донесената одлука за висината на тарифата која ја плаќа едно акционерско друштво во приватна сопственост за извршената услуга за снабдување со вода и реално определување на нејзината вредност. 

Имено, според ревизорите, во периодот од 2016 година до периодот на извршување на ревизијата, цената за услугата за снабдување со вода за пиење за едно АД во приватна сопственост е значително пониска од цената на услугата за категоријата „стопанство“, поради што ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје остварило за над 1,02 милијарди денари (околу 16,5 милиони евра) помалку приходи по основ на услугата за користење на вода, а со тоа искажало помал ДДВ за 100,883 милиони денари (околу 1,6 милиони евра) и помал надоместок за користење на води за 22,705 милиони денари (околу 368.000 евра), што претставува приход на државниот Буџет.

Ревизорите констатирале дека е потребна и детална анализа на побарувањата од купувачите и на обврските кон добавувачите, кои бележат постојан тренд на зголемување во период од 2018 година до денот на вршење на ревизијата, што може неповолно да влијае на ликвидност на претпријатието во идниот период.

Од спроведената анализа е констатирано дека во периодот од 2017 до 2021 година, трошоците за ангажирани адвокати, нотари и извршители за изготвување на нотарски платни налози за заостанати долгови, изнесуваат 492,533 милиони денари или приближно 8 милиони евра, а за судски трошоци се издвоени 23,496 милиони денари (околу 380 илјади евра). Во 2021 година овие трошоци изнесуваат вкупно 116,021 милиони денари или 1,9 милион евра за 72.331 постапки, а наплатените побарувања во истата година изнесуваат од 94,704 милиони денари или околу 1,5 милиони евра. 

– Причина за особено високите износи на трошоци за ангажирање на нотари и адвокати произлегува од член 68 од Законот за нотаријатот, со кој меѓу другото е пропишано дека за парично побарување за вода и смет во вкупен износ над 6.000 денари, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог задолжително го составува адвокат и мора да содржи адвокатски печат и потпис, се додава во извештајот.

Како што посочува ДЗР, со извршената ревизија, ревизорите изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.