Ѕоф со Гоце Делчев пак ја собра скопската шема на Саемот на книгата


„Гоце Делчев: Љубов и смрт“ е роман што не бара да му верувате, туку да го издржите!

Со вие зборови, пред многубројна урбана публика на штандот на „Арс-Ламина“  беше претставен новиот роман од популарниот автор и познат скопски лик  Зоран Спасов Ѕоф на Саемот на книгата во „Борис Трајковски“. 

По романите за Тито и Сирма,  Ѕоф, еден од најпродаваните автори во книжарниците „Литература.мк“, повторно ја интригира јавноста со новата историска фикција – роман за Гоце Делчев.

„Гоце Делчев: Љубов и смрт“ е роман за еден човек — и за времето што не знаело како да го задржи. Гоце Делчев, роден во мал град меѓу ридови и граници, расте во свет во кој зборовите се мерат, а слободата се плаќа. Свет во кој народите живеат под туѓи имиња, а соништата се шепотат тивко како молитва. Но некои луѓе не умеат да живеат во молк.

Од детството во Кукуш, преку тајните патишта на револуцијата, до годините кога идеалот станува поголем од самиот живот, овој роман го следи патот на човек што избира нешто потешко од славата — избира совест. И избира љубов. Љубов кон земјата што сè уште нема име. Љубов кон народот што сè уште нема држава. Љубов што знае дека, можеби, нема да го доживее утрото — но сепак оди кон него. Ова е приказна за верата дека идеалите не умираат со луѓето што ги носат. Дека некои животи се кратки, но доволно силни да ја променат историјата. И дека понекогаш, меѓу љубовта и смртта, стои само еден човек — и неговата одлука.

Зоран Спасов Ѕоф е автор на хит-книгите: „И јас сум Сирма“, „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“ и „Тито, мојот претпоследен херој“.