Ѕидовите на Музејот на современа уметност ќе ги исцртуваат Дан и Лиа Пержовски
Музејот на современа уметност ќе се нареди покрај другите светски уметнички институции каде свој белег ќе остават познатите романски уметници Дан и Лиа Пержовски. Тие веќе ги исцртуваат ѕидовите на МСУ и се подготвуваат за нивната самостојна изложба, која ќе биде отворена во четврток, 26 септември, во 20 часот. Кураторка на изложбата е Мира Гаќина.
Уметничкиот пар досега ги има исцртано ѕидовите во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен…
Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот ќе се претстави со проектот „Обновени вести“ (ReNews), фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Замислен како динамична и еволутивна визуелна хроника, која реагира на тековните настани и промените во светот. Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на интензивен начин ја истражуваат и визуелизираат комплексноста на современата политика и општество.
Лиа Пержовски истражувачка, уредничка и концептуална уметница ќе се претстави со проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ – (Survival Kit (a selection from Knowledge Museum)) во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела. Сет за преживување е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот.