Ѕид по ѕид – рушевина

Никој за ништо нема некакви обврски, никој за ништо не е виновен, никој за ништо не сака да преземе акција.  Општа анархија, во која сите само се жалат


Паднатите ѕидчиња, неискосената трева, непоткастрените грмушки и гранки, неизмиените улици, ненавадените тревници, прашливите патеки, небојосаните огради, паднатите сообраќајни знаци, засмрдените, темни подземни премини, подгорените мостови, загорената Универзална сала се безбројните мали и големи показатели за нефункционалното општество.

Ѕид како ѕид, кога и да е ќе падне; трева ко трева – ќе порасне; случајно или не – некој објект ќе изгори… Но, тоа кај нашите власти не е аларм за акција и брза санација. Тоа е само неколкудневна медиумска тема која треба да се заборави.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов зборуваше за падниот потпорен ѕид од оградата околу државниот Клинички центар. Кажа човекот и дека ги известил Општина Центар и Град Скопје, но тие велат – не се надлежни. За ненадлежно се прогласи и Министерството за здравство под чии ингеренции е државната клиника. Извадија договори за преминување на надлежноста потпишани пред пет години. Да, од некои други власти, но договорот има важност. Во кусиот договор потпишан од поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов и поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, покрај тоа што се набројани десетина улици кои од општината преминуваат под надлежност на градот, не пишува зошто тоа е направено. Причината и не е толку важна во случајов, туку што новата, сега веќе длабоко заседната во фотелјата, градоначалничка Данела Арсовска, како да не сака да ги спроведува договорите потпишани од нејзиниот претходник. Но, не ги ни поништува. Па, улицата која се потпира врз ѕидот од оградата на Клинички, (о)станува ничија грижа. Опасна!

Потпорниот ѕид бил на државно земјиште, објаснуваат од Министерството, а за државните земјишта надлежна е владата.

Како само смисливме систем во кој за едно ѕидче од помалку од два метра висина треба да се праша премиерот, останува за чудење! 

Но, не е само ѕидчето… Каде е Вардариште? Ни ваму, ни таму! Каде е Универзална? Ни во Скопје, ни во Култура? Каде е мостот „Беласица“? Ни во Градот, ни во Топлана. Каде се ГТЦ, „Скопјанка“, Олимписки базен, Кале, зградата на „Купром“, Македонско село?

Место сите што логично треба да се надлежни да седнат на маса, итно, како што бара Ангелов, за сите ѕидчиња, мостови, патишта, кеј за кои тој лично укажал и да ги донесат сите документи кои ги имаат за тој конкретен објект, да видат кој е со важност и секој несебично да се понуди да помогне за работата да се заврши вчера, а не утре, нашите политичари очи не сакаат да си видат. Затворени во четири ѕида! И тие под прашање уште колку ќе издржат.

Од друга страна пак, не треба за ѕидчето да седнат Арсовска и Герасимовски, или премирот и министерот. Во секоја од тие институции има посебен сектор. Не треба на состанок да дојде ни раководителот на секторот, туку еден од тие вработените, тие кои биле во општината и со Шилегов, и со Арсовска и со следниот кој ќе дојде. Треба да дојде градежник од „Улици и патишта“, треба да дојде мајсторот кој ќе се фати за мистријата. А, овие погоре набројаните со име и презиме сѐ што треба да направат е да не ги спречуваат. Од нив се бара само да се потпишат на документот за одобрување финансии, на документот кој го одредува рокот до кога работата треба да е завршена и потоа може да се сликаат. Да, да! Слободно нека се фотографираат, со медиуми, со сите салтанати и искрено нека му пружат рака на мајсторот што го ставил последниот камен од ѕидот на место!

На сите дебатни емисии со кои се бомбардирани граѓаните секоја вечер градоначалниците, министрите аналитичарите расправаат „криви дрини“ и толкуваат кој е голем победник, а кој очаен губитник. Теми која од која поголеми. И додека тие го расправаат тоа тула по тула, ѕид по ѕид се распаѓа функционалноста на општеството. Никој за ништо нема некакви обврски, никој за ништо не е виновен, никој за ништо не сака да преземе акција.  Општа анархија, во која сите само се жалат.