Џузепе Конте до Германците: „Ние пишуваме историја, а не учебник за економија“


Конте бара од европските лидери да им објаснат на нивните граѓани дека ова се вонредни времиња кои гараат итни мерки (Фото: ЕПА)

Во интервју за германскиот телевизиски канал АРД, премиерот на Италија, Џузепе Конте ја повика Европа да покаже дека е „заедничка куќа“ и да демонстрира оти може да одговори на епохискиот предизвик на корона вирусот.

Конте рече дека со корона обврзниците нема да се бара од германските граѓани да го платат долгот на Италија акумулиран во минатото.

И покрај тоа што призна дека мислењата во Германија може да се разликуваат, тој додаде: „Сакам да им кажам на сите германски граѓани: ние не пишуваме страница на учебник за економија, туку страница на книга по историја“.

За Конте, корона обврзницата ќе воспостави поволни услови на пазарот за финансирање на напорите за закрепнување, од што ќе имаат корист сите.

„ЕУ се натпреварува со Кина и со САД кои одвоија 2.000 милијарди евра за реагирање. Доколку нашата реакција не биде кохезивна, енергична и координирана, Европа ќе стане помалку и помалку конкурентна на сцената на глобалниот пазар“, рече италијанскиот премиер.

Според Конте, лидерите на ЕУ треба да им објаснат на своите граѓани дека ова е итен случај што ги погодува сите и од кој ниту една земја не е имуна.

„Сите земји се погодени, сите се на фронтот. Ако бедемот се повлече, невидливиот непријател може да се шири и сите наши напори би биле залудни“, рече тој.

Од вторникот (31 март), вкупниот број заразени лица во Италија достигна 105.792, додека бројот на починати се искачи на 12.428, со дневно зголемување од 837. Според водечкото техничко-научно тело на италијанската Национална здравствена служба, Италија го достигна или е близу до врвот на болеста.

„И покрај тоа што бројот на заразени лица се намалува, не смееме да ги фрустрираме досега направените напори“, коментира Конте.

Истражувачката единица на деловното здружение Конфиндустрија во вторникот објави извештај во кој се вели дека загубата на БДП во првата половина на 2020 година ќе биде „огромна“, со кумулативен пад во првите два квартали од околу -10%.

Под претпоставка дека акутната фаза на вонредна состојба да биде надмината на крајот на мај, БДП на Италија се очекува да падне за шест отсто  во 2020 година.

Во меѓувреме, Холандија се чини дека се повлече од претходната остра реторика кон јужните земји во Европа кога станува збор за издавање еврообврзници.

„Не бевме доволно емпатични, до тој степен што тоа предизвика отпор“, рече холандскиот министер за финансии, Вопке Хекстра, за приватниот радиодифузер РТЛЗ.

„Не успеавме да го пренесеме што е она што сакаме да го направиме“, додаде тој.

Хекстра предложи минатата недела да се спроведат истражувања за причините зошто некои земји од ЕУ немаат финансиски средства за справување со пандемијата на корона вирусот.

Ваквите коментари го налутија португалскиот премиер Антонио Коста, кој рече дека неговите зборови се „одвратни“.

Холандија – заедно со Германија, Финска и Австрија – се спротивставуваат на притисокот на европските јужни земји за „корона обврзници“ за справување со економскиот исход на кризата со коронавирус.

Тие сметаат дека тоа е обид на јужните партнери да имаат корист од евтините стапки на задолжување што им се даваат на државите со избалансирани буџети. (Еурактив)