Џорџија воведе построг закон против абортус


Гувернерот на сојузната држава Џорџија синоќа потпиша закон за забрана на абортус доколку бременоста е повеќе од шест недели. Досега во оваа држава беше забрането да се прави абортус на повеќе од 20 недели бременост.

Законот, кој уште се нарекува „закон за срцебиење“ бидејќи во некои случаи во тој рок на бременост може да се слушне биењето на срцето на плодот, предизвика полемики во амерканската јавност.

Според познавачите, ова е еден од најстрогите закони за забрана на абортус во САД и се очекува да биде оспорен од многу општествени организации и групи.

Строги закони против абортус има во уште неколку сојузни држави како Кентаки, Мисисипи, Охајо и Ајова. Но некои одредби во законот усвоен во Џорџија, кој стапува во сила на 1 јануари 2020 година, се престроги за разлика од сличните во други сојузни држави.

Според законот, оние жени во Џорџија кои ќе одлучат да прават абортус по шестата недела бременост, користејќи специјални медицински препарати или докторски услуги, се ставени на исто ниво како осудените убијци и ќе бидат соочени со казна од доживотен затвор, па дури и смртна казна.

Во новиот закон се вели дека „неродените деца се живи, независни личности“, и заслужуваат „целосно правно признавање“.

Гувернерот Брајан Кемп беше соочен со протести пред Капитолот во Атланта пред и по потпишувањето на законот.

-Го правиме тоа што е правилно, а не тоа што е лесно. Треба да бидеме силни и смели и да не отстапиме. Секогаш ќе се бориме за живот, изјави тој.

Организациите како „Планирано родителство“ и Американскиот сојуз за заштита на граѓанските слободи (АКЛУ) најавија оспорување на законот пред суд.

Интересно е тоа што против овој закон се и организации кои се борат против правото на абортус.

Од „Право на живот“ изјавија дека законот исклучува многу важни детали, како на пример да се дозволи абортус на жени жртви на силување, кои забремениле во случај на инцест или ако бременоста и породувањето се ризични за здравјето и животот на жената.