Џорџија прво ја потврди победата на Бајден, а потоа се пишмани 


Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, утринава изјави дека изборните органи во оваа сојузна држава ја сертифицирале победата на Џо Бајден, а по неколку часови ја повлече изјавата и рече дека постапката со сертификацијата се уште не е завршена. 

Во Џорџија имаше рачно пребројување на гласовите, по барање на изборниот штаб на актуелниот претседател Доналд Трамп. 

Разликата меѓу Бајден и Трамп во оваа сојузна држава е релативно мала. Според досега објавените резултати, Бајден добил 49.5 отсто од гласовите на избирачите или 2.474.141 гласови, додека Трамп добил 49.3 отсто од гласовите или 2.462.857 избирачи гласале за него.  

Ако биде сертифицирана победата на Бајден, тој од Џорџија и официјално ќе добие 16 електорски гласа.  

Како новоизбран претседател на САД, тој денеска планира да се сретне со демократите во Конгресот, дел од неговото преземање на власта во Белата куќа, иако претседателот Трамп се уште врши напори за поништување на изборниот резултат. 

Претседателот во Белата куќа за денеска попладне има закажано средба со група републикански законодавци од Мичигин, кои наводно треба да покажат докази дека гласањето било со недоследности.