Џорџа Мелони бара Хрватите да ги вратат Истра и Далмација

Идната премиерка на Италија бара и да се повлече италијанскиот орден за Тито


 

Лидерката на крајната десница Џорџа Мелони победи на изборите во Италија и е на пат да стане првата жена премиер во земјата.

Десничарскиот блок на чело со нејзината партија Браќата на Италија има убедливо мнозинство во двата дома на италијанскиот парламент.

Станува збор за жена која смета дека Далмација и Истра треба да се вратат во Италија.

„Секогаш бев против влезот на Хрватска во ЕУ додека не им се врати имотот на Евреите. Да не зборуваме за враќањето, директно, на Истра и Далмација“, истакна своевремено Мелони.

Уште една од контроверзните ставови на новиот италијански премиер е поврзана со Јосип Броз Тито.

Имено, таа во февруари годинава на својот Фејсбук профил објави дека е апсурдно да се оддава почит на некој кој е одговорен за масакрот на Италијанците.

„Браќа на Италија одамна претставија предлог-закон за ставање крај на овој срам. Жртвите на фојбата и нивните најблиски заслужуваат почит и правда: веднаш повлечете го Орденот на Италијанската Република за Маршал Тито“, напиша таа.

Фојба, пишува „Мондо“, е термин кој се користи за означување на серија масовни убиства и масакри извршени врз припадници на италијанската етничка заедница во Истра и словенечкото крајбрежје од страна на припадници на југословенските партизански формации на крајот и веднаш по Втората светска војна.

Името потекнува од терминот foiba, што значи карстни јами во кои биле фрлани жртвите.

Точните околности под кои се случиле злосторствата, бројот и статусот на жртвите, како и мотивите на сторителите се тема на повеќегодишна дебата меѓу историчарите, пишува „Мондо“.