Џонсон со уште еден пораз дома, но има варијанти за акција, тврдат медиуми

Оставката на претседателот на Долниот дом на британскиот Парламент Џон Баркоу е најновата вест во сагата за брегзит, нагласува францускиот весник Паризиен. Неговата изјава веднаш се претвори во политичко предупредување.

– Долниот дом е место полно претежно со луѓе мотивирани од идејата за национален интерес и јавно добро, како и од обврските да правата добро за нашата држава, нагласи тој.

– Сепак, го понижуваме статусот на овој Парламент на свој сопствен ризик, предупреди Баркоу вчера во говор проследен со аплаузи претежно од опозицијата.

Весникот Гардијан објави дека обидите на британскиот премиер Борис Џонсон да преговара со ЕУ личат на автомобил што брзо се движи кон ѕид од цигли. Колку понеподвижен изгледа ѕидот толку побрзо Џонсон вози кон него тврдејќи дека не може да го избегне. Тој смета дека освен автомобилот во несреќата учествува и ѕидот и може да го обвини ѕидот зошто е направен од цигли, нагласува во уреднички коментар Гардијан.

Затоа Џонсон тврди дека Даблин бил  толку одговорен за евентуален брегзит без договор колку и Лондон. Тоа се бесмислици.

По поразите во Парламентот Џонсон има четири варијанти, наведува Њујорк тајмс. Една варијанта е да се предоговори со ЕУ, но Брисел не сака и да попушти пред заканата за брегзит без договор.

Британскиот премиер може место тоа да побара одложување на брегзит и потоа да почне предизборна кампања, но гласачите може да не му простат ако ги обвини противниците дека го принудиле на тоа, наведува американскиот весник.

Премиерот може да поднесе оставка и во тој случај времената влада веројатно ќе побара одлагање на брегзит и нови избори.

Последната идеја е и најналудничава и вклучува – Џонсон во затвор поради непочитување на закон донесен од Парламентот со кој од него се бара одложување на брегзит.

Поранешниот главен правен советник, конзервативецот Доминик Грив изјави дека ако премиерот не го исполни барањето, може да заврши зад решетки.

Поранешниот конзервативен лидер Иан Данкан Смит го повика Џонсон да не го почитува законот и да стане „маченик“ за каузата за брегзит.

Џонсон е должен да побара одлагање само две недели пред истекот на крајниот рок за брегзит. Тоа значи дека секое дело против него може да биде во суд кога Британија ќе ја напушти ЕУ со истекот на крајниот рок. Најверојатно заканата да не се почитува законот е блефирање од поддржувачите на брегзит. Но, треба да се има предвид дека тоа се мрачни времиња за британската политика, нагласува Њујорк тајмс.