Џонсон отпушта една петтина од јавната администрација


Фото: express.co.uk

Петтина од вработените во јавните институции на Велика Британија ќе бидат отпуштени со одлука на премиерот Борис Џонсон, кој им наложи на членовите на неговиот кабинет да направат план со цел да се врати бројот на вработени на ниво од 2016 година.

Министрите треба да направат план со кој ќе се заштедат повеќе од 1 милијарда долари во буџетот, што е дел од мерките насочени кон олеснување на сегашната криза на трошоците за живот на граѓаните, но и овозможување на донесување закон за намалување на даноците.

Премиерот Џонсон побара планот да му биде доставен за еден месец, а опфатот на работната сила во владините административни сектори да се врати на нивото од 2016 година, што значи отпуштање на 90.000 вработени.

Во државната служба во моментов има 475.000 вработени, а намерите на премиерот да ја намали таа бројка се окарактеризирани како популизам и неодговорен обид за намалување на државниот апарат.

„Секоја фунта што на нив им се исплаќа се пари на граѓаните што би можеле попаметно да ги искористат за свои потреби и приоритети, за сопствениот живот“, рече Џонсон.

Британската влада излезе со соопштение во кое се наведува дека во сегашната ситуација на зголемени трошоци за живот, јавноста очекува Владата да преземе конкретни чекори за справување со кризата.