„Џонсон Мети“ го произведе 120-милионитиот производ во Скопје

Секое трето тешко или лесно возило во Европа има парче произведено во Северна Македонија


„Џонсон Мети Македонија“ го произведе и испорача 120 милионитиот производ (катализатор) на глобално ниво. Од своето лансирање во 2009 година, „Џонсон Мети“ во Скопје прерасна во место каде што нивните производи се достапни во повеќе од 40 земји во Европа. Секое трето тешко или лесно возило во Европа има парче произведено во Северна Македонија. Ова извонредно достигнување претставува значајна пресвртница во производството.

„Спасуваме животи со производите кои ги произведуваме. Горди сме што 120 милиони парчиња поминаа низ нашите раце, подобрувајќи го квалитетот на воздухот за сите“, вели Харис Бајрами, вработен во одделот Производство.

„Ние го прилагодуваме нашето работење на тековните економски предизвици за да продолжиме да ги задоволуваме потребите на нашите клиенти и да ја одржуваме понудата на нашите производи и услуги. Иако е предизвик, успеавме да испорачаме навремено и по највисоки можни стандарди. Ако продолжиме да даваме приоритет на безбедноста, да работиме паметно и како тим за да ги поддржиме нашите клиенти, тогаш ќе имаме многу повеќе пресвртници и многу повеќе прилики за прослави“, вели директорот на „Џонсон Мети Македонија“, Боријан Борозанов.

Директорот на „Џонсон Мети Македонија“, Боријан Борозанов

За да го одбележи ова достигнување, тимот на „Џонсон Мети“ одлучи да ги донира предвидените средства за прослава на Училиштето за деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Вработените сакаат да го дадат својот дел за да им олеснат на малите деца со оштетен вид полесно да се движат во нивната околина во безбедна средина. Компанијата ќе продолжи да дава поддршка за да им го осветли патот на овие деца кон нивниот успех и да им овозможи да напредуваат во свет со видлив поглед.

Британската компанија „Џонсон Мети“ е светски лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето. Компанијата ја одбра Северна Македонија како дестинација за својата европска мега-фабрика за автокатализатори во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1. Ова е најголемиот инвестициски проект, а воедно и најсофистицирана и најнапредна фабрика на „Џонсон Мети“ во светот и компанијата е најголем извозник од Северна Македонија. „Џонсон Мети“ минатата година ја затвори со 1.696 милиони евра увоз и 1.850 милиони евра извоз. „Џонсон Мети“ во Северна Македонија вработува повеќе од 1.000 луѓе.