„Џонсон и Џонсон“ не може да ги испорача договорените вакцини – ЕУ не е загрижена
Компанијата „Џонсон и Џонсон“ се соочува со проблеми во снабдувањето што може да ги искомплицира плановите за договорената испорака до Европската унија од 55 милиони дози на нејзините вакцини против ковид-19 во вториот квартал на оваа година, потврди претставник на ЕУ за „Ројтерс“.
Претставникот на ЕУ кој е директно вклучен во доверливи разговори со американската компанија, за агенцијата под услов на анонимност изјави дека од „Џонсон и Џонсон“ ѝ соопштиле на ЕУ минатата недела дека се соочуваат со проблем со набавка на состојки и опрема за вакцините и дека испораката на 55 милиони дози до крајот на јуни е под знак на прашање.
Тој додал дека компанијата соопштила дека не е невозможно да се исполни договорената цел, но дека сега, поради споменатите проблеми, постои одредена претпазливост дека можеби ќе отстапи од планот, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека вакцината на „Џонсон и Џонсон“ се очекува да биде одобрена во ЕУ за употреба на 11 март, а првите испораки од 200 милиони договорени дози за оваа година би можеле да започнат во април.
Еврокомесарот за индустрија, Тиери Бретон, попладнево реагираше на најавите дека фармацевтската компанија Џонсон и Џонсон најверојатно ќе доцни со испораката на вакцини, и изјави дека не е загрижен поради тоа, јави дописничката на МИА од Брисел.
Вакцината на Џонсон и Џонсон сѐ уште не добила официјална авторизација за европскиот пазар од страна на европската агенција за лекови, ЕМА, но Бретон попладнево најави дека очекува лиценцата да стигне „во наредните денови или часови“.
Откако Џонсон и Џонсон ќе добие зелено светло за комерцијализација во ЕУ, Бретон ќе преговара директно со нив, како што кажа.
-Разбрав дека кога почнувате со производство на вакцини процесот е комплексен, Џонсон и Џонсон имаше проблеми во САД, колку што разбрав од медиумите, рече Бретон.
Но тој ги увери медиумите дека стратегијата на Европската Комисија ги интегрира и можните одлагања.
-Не сум загрижен, некои подобро ќе работат, некои ќе доцнат, имаме многу дејствија сега, има мини акции од страна на компании во случај нешто да не оди како што треба, така што фактот што една компанија има тешкотии не би требало да го загрози процесот, изјави Бретон на прес конференција во Брисел попладнево.