Џонсон го повикува светот да гледа подалеку од Брегзит


Британскиот премиер Борис Џонсон се упати кон Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации.

Тој ќе настојува да пренесе дека Велика Британија по Брегзит ќе биде динамична светска сила која ќе ги предводи напорите за решавањето на климатсите промени и нестабилниот Блиски исток.

Меѓутоа, прашањето околу Брегзит ќе го оптовари неговиот тридневен престој. Тој ќе разговара со водачите на Европската унија во обид да ги убеди да му дадат нов договор за истапување од ЕУ.

Официјалните лица на ЕУ велат дека Велика Британија не нашла изводливи решенија за да ги премости големите разлики меѓу двете страни.

Џонсон исто така ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во надеж дека ќе оствари напредок кон усогласувањето на трговскиот договор со САД по Брегзит.

Во земјата Џонсон ја чека пресудата на Врховниот суд за тоа дали го прекршил законот кога го суспендираше парламентот на пет недели воочи 31. октомври, рокот за излегување од ЕУ.

Џонсон вели дека суспензијата е рутинска мерка за да се подготви за ново заседание на парламентот. Противниците тврдат дека делувал нелегално со цел да ги спречи пратениците да се вмешаат во неговиот план да ја напушти ЕУ, со или без договор.

Пресудата која би го прогласила неговиот потег нелегален би била огромен удар за Џонсон и неговиот авторитет и би можела да значи дека пратениците веднаш ќе се вратат во своите клупи.