Џони Деп прими српско одликување од претседателот Александар Вучиќ


 

„Сега сум буквално на почеток на нов живот и ми се допаѓа овој почеток. И би сакал тој почеток да започне токму овде во Србија, ако ме сакате, секако“, рече американскиот актер Џони Деп откако претседателот на Србија, Александар Вучич го одликуваше со Златен медал за заслуги.

Потоа се заблагодари за орденот и уште еднаш потсети на пријателството со режисерот Емир Кустурица, пишува „Нова.рс“.

„Ова е навистина несекојдневен момент за мене и многу сум горд. Имам една мала приказна што сакам да ја споделам со вас. Имав можност, всушност бев благословен одамна, пред многу години да запознам еден многу чуден човек, необичен. Штом го видов, знаев дека не припаѓа во Холивуд. Неговото име е Емир Кустурица. И Кустурица стана брат, неговото семејство стана мое семејство, ги гледав неговите деца како растат. Ова е една врска која ја имаме од првиот ден и кажува многу за една личност, особено како Емир Кустурица. Тој ве сака и кога ве сака навистина ве сака, а кога не ве сака навистина не ве сака. И навистина ми се допаѓа тоа кај него“, рече Деп и додаде:

„Навистина сакам да ви се заблагодарам, претседателе Вучиќ, и овој медал за заслугите што ги добив, мило ми е што ми укажавте таква чест, ќе направам сѐ што е во моја моќ ова да биде отелотоврение на мојата обврска кон ова“, рече Деп.

Потоа спомна ќебапи и сливовица и нов почеток во Србија.