Џони Деп доаѓа во Белград за промоција на анимирана серија- ќе се сретне и со Вучиќ


Србија– Холивудскиот актер Џони Деп (58) денеска доаѓа во Белград по повод промоцијата на неговата анимирана серија произведена во Србија „Пафини“, во продукција на „Архангел студио“ од актерот Милош Биковиќ, а создадена во „Јерволино студиос“.

За време на престојот, српските медиуми информираат дека тој ќе се сретне и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Андриќевиот венец.

По прес-конференцијата, следува турнеја низ студиото, а како што пишуваат српските медиуми, актерот ќе биде сместен во претседателскиот апартман на еден познат хотел. За ручек и вечера ќе се служат национални јадења од Србија, како и ракија и вино.

Актерот, минатата година во Монте Карло изјави дека ги „обожава“ Србија и Србите. За првпат беше во Србија во 1992 година.

За време на новата посета, Џони Деп, Андреа Јерволино и леди Моника Бакарди, како и Милош Биковиќ, ќе го претстават својот заеднички проект „Пафини“, реализиран со поддршка на Министерството за култура и информации на Република Србија.

Ова е продолжение на долгогодишната соработка што Деп ја има со филмската и телевизиската продукциска куќа „Jervolino & Lady Bacardi Entertainment“, како и матичната компанија „Јерволино студиос“ од Србија.

Џони Деп неодамна ја осуди тн. „култура на исклучување“ или – „отфрлање“ во САД, којашто ја спореди со загадениот воздух. Тој рече и дека стравува оти „никој не е безбеден“, а поединци, преку недокажани обвинувања се осудени за сексуална злоупотреба и разни други облици на насилство.

Деп беше „отфрлен“ од многу медиуми, а „Ворнер Брос“ побара од него да се повлече од филмот „Фантастични ѕверки 3“, откако лани ја загуби тужбата за клевета против весникот „Сан“, којшто го опиша како „маж кој тепа жени“ по јавниот спор меѓу Деп и неговата поранешна сопруга Амбер Хард.

Деп се септември се појави на филмскиот фестивал во Сан Себастијан во Шпанија за да ја прими почесната награда „Доностија“.