Џон Болтон на 23 јуни ги објавува своите мемоари, Трамп вели дека го прекршува законот


Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека неговиот поранешен советник за национална безбедност Џон Болтон ќе го прекрши законот доколку ги објави своите мемоари.

Обраќајќи им се на новинарите во Белата куќа, Трамп, исто така, кажа дека сите разговори со него биле класифицирани како тајни.

Јавниот обвинител Вилијам Бар, на истиот брифинг, додаде дека Болтон не го завршил потребниот процес за објавување на книгата и дека Министерството за правда се обидува да го убеди дека треба да ги избрише класифицираните информации.

Книгата на Болтон, „Собата каде што се случи: Мемоари на Белата куќа“, ќе биде објавена на 23 јуни.

Издавачот во петокот соопшти дека книгата дава „инсајдерски“ поглед на процесот на одлучување на Трамп.Таа опишува како Трамп се справил со Кина, Украина, Северна Кореја, Русија, Иран и неговите односи со Велика Британија, Франција и Германија, најавува издавачот.

„Ова е книгата што Доналд Трамп не сака да ја прочитате“, додаде тој.

Трамп го отпушти Болтон во септември поради несогласувањата околу голем број надворешно-политички прашања.