Џолев: Судот досега нема добиено никакво барање за аболиција


Судот досега нема добиено никакво барање за аболиција, ниту од обвинет, ниту од осудено лице, изјави денеска на брифинг со новинари претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.

Џолев, во однос на пишувањата во медиумите за можна аболиција од претседателот на државата, рече дека не е добро судот однапред да се произнесува и да зазема став по нешто.

– Претседателот на државата има право да донесе аболиција и тоа е факт. Ако биде донесена аболиција, судот тогаш ќе се произнесе и ќе проценува по неа, изјави Џолев.

Во однос на предметите „Труст“ и „Тенк“, претседателот на судот Џолев, рече дека се уште не се вратени од Апелација и дека се почитуваат доследно сите мерки за претпазливост.

На брифингот во Кривичниот суд, денеска информираа дека пресудите за случајот „27 април“ се уште не се изготвени и дека законскиот рок за тоа, согласно член 11, изнесува 60 дена.

Во однос на наводите во медиумите за чести изземања на поротниците од случаите, на брифингот беше посочено дека постојано има движење на поротници и дека тоа е нормален процес. Според статистиката за 2018 година 12 судии поротници биле разрешени од предмети поради наполнета старост, 27 на одлука на судскиот совет и двајца на лично барање, додека биле избрани 34 нови.

– Сите пресуди се носат со гласање на судии и поротници. Конкретно пресудата за „27 април“ е донесена со резултат од 5:0 по гласањето од тројца поротници и двајцата судии во предметот, изјави Џолев.

Појаснија дека за предметот „27 април“ има и јавна изјава на еден од поротниците дека поднел барање за изземање поради здравствени причини, но останал до крај за да не наштети на постапката.