Џо Џонсон поднесе оставка од местото министер и пратеник
Помладиот брат на британскиот премиер Борис Џонсон, Џо денеска поднесе оставка од министерската функција и најави дека ќе поднесе оставка и од пратеник, а како причина го наведе судирот помеѓу семејната лојалност и националниот интерес.
– Ми беше чест што работев како министер во три влади. Претходните недели бев распнат помеѓу семејната лојалност и националниот интерес. Време е други да ја преземат мојата функција член на Парламентот, истакна Џо Џонсон.
Неговата оставка уследи само еден ден откако Борис Џонсон отстрани 21 член на Конзервативната партија, бидејќи не ја поддржаа неговата стратегија за Брегзит.
Џо Џонсон претходно даде поддршка за втор референдум, но прифати да биде министер за образование, кога неговиот брат беше избран за премиер.
Но, се уште не е познато дали Џо Џонсон ќе поднесе оставка како пратеник веднаш или ќе чека до нови избори.