Џо Бајден се фати за телефонот и ги повика европските лидери

Тимот на избраниот претседател одби да објави по кој редослед Бајден ги побарал европските лидери

 

За неколку европски лидери заврши чекањето за разговор со Џо Бајден.

Првиот повик на новоизбраниот претседател на САД до странски шеф на владата беше во понеделникот кај канадскиот премиер Џастин Трудо, но европските лидери не мораа да чекаат премногу долго за да дојдат на ред. Прилично брзо, Бајден разговараше со водачите на Велика Британија, Ирска, Германија и Франција – иако неговиот тим одби да коментира за редоследот на повиците.

Борис Џонсон потврди на Твитер дека разговарал со Бајден, кого никогаш не го сретнал и рече дека со нетрпение очекува да работи заедно на „заеднички приоритети – од справување со климатските промени, до унапредување на демократијата и подобро градење од пандемијата“.

Портпарол на Даунинг стрит кратко потоа изјави дека Џонсон го искористил повикот за лично да го покани Бајден на самитот за климатски цели COP26 во Глазгов во ноември следната година.

И покрај силата и историјата на британско-американските врски врски, многу набљудувачи предвидуваа студени односи помеѓу Џонсон и Бајден, со оглед на спротивставувањето на последниот за „Брегзит“ и минатите коментари на премиерот на Велика Британија за Барак Обама и Хилари Клинтон.

Портпаролот на Даунинг стрит рече дека двајцата лидери „разговарале за блиските и долгогодишни односи меѓу нашите земји и се обврзале да го градат ова партнерство во наредните години, во области како што се трговијата и безбедноста – вклучително и преку НАТО“.

Портпаролот рече дека Џонсон „топло му го честитал“ на Бајден за неговиот избор, како и дека ги пренесол честитките за Камала Харис „за нејзиното историско достигнување“.

Ирскиот премиер Михол Мартин на Твитер во вторникот изјави дека добил повик од Бајден, но кратко потоа го избриша твитот. Ирската влада подоцна излезе со изјава во која се вели дека двајцата имале „топол разговор“, а Бајден „се присетил на неговите силни ирски корени и неговата посета на Ирска со неговото семејство во 2016 година“.

Според ирската изјава, избраниот претседател исто така „ја потврди целосната поддршка за Договорот за Велипеток и тие разговараа за важноста на исходот од ‘Брегзит’ што го почитува Договорот за Велипеток и не обезбедува враќање на границата на островот Ирска“.

Во изјавата од тимот на Бајден, тој рече дека „ја истакнал неговата желба да ги зајакне трајните лични, културни и економски врски меѓу Соединетите Држави и Ирска“.

Во кратка изјава, портпаролот на Ангела Меркел рече дека германската канцеларка „изрази желба за блиска и доверлива соработка во иднина“ за време на нејзиниот разговор со Бајден.

На прес-конференција во понеделникот наутро, Меркел рече дека Германија и Европа признале дека треба да сторат повеќе за ребалансирање на трансатлантските односи. Во разговорот во вторникот, Меркел и Бајден се согласија „дека трансатлантската соработка е од голема важност во поглед на големиот број глобални предизвици“, рече портпаролот.

Бајден го „пофали“ лидерствотона Меркел и „ја поздрави можноста за соработка на заедничката агенда со ЕУ“, се вели во изјавата на неговиот тим.

Бајден разговараше и со францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти Елисејската палата. Макрон ги увери Бајден и Харис „во неговата желба да работат заедно“ за прашања како што се климата, здравјето, борбата против тероризмот и одбраната на основните права.

Избраниот претседател „ја изрази својата желба да ги зајакне односите меѓу Соединетите Држави и Франција, нивниот најстар сојузник“ и „исто така, изрази подготвеност да работи заедно на глобалните предизвици, вклучително и безбедноста и развојот во Африка, конфликтите во Украина и Сирија и иранската нуклеарна програма“, се вели во неговата изјава. (Според агенциите)