Џиновска крофна во центарот на Скопје – нова герила порака против корупцијата

По Гостивар и Струмица, третата и последна герила акција од проектот „Младите луѓе во С. Македонија: Клучна алка во градењето општество без корупција“ се реализираше во Скопје на улица „Македонија“. Овојпат, активистите поставија визуелна инсталација во форма на џиновска крофна, со порака „Една четвртина од јавните пари се трошат на коруптивен начин“.
„Четвртината што недостасуваше од крофната симболично ја претставува дупката што корупцијата секојдневно ја прави во јавниот буџет – средства кои наместо за образование, здравство и инфраструктура, исчезнуваат во приватни џебови. Преку овој креативен и визуелно силен перформанс, јавноста беше повикана да размисли за реалните последици од корупцијата и да се вклучи во барање отчетност и транспарентност од институциите“, наведено е во соопштението.
Акцијата е замислена и реализирана во соработка со уметникот Никола Писарев од Центарот за современи уметности – Скопје, кој со својата креативна експертиза придонесе за оригиналноста и јасната визуелна порака. Проектот се реализира со поддршка на Zivik Funding Programme на Германското Сојузно Министерство за Надворешни Работи, преку ifa – Institut für Auslandsbeziehungen, во партнерство со Аналитика Тинк Тенк, ОЖС – Организација на жени од Струмица и ИГИ Гостивар. Со оваа акција завршува симболичната, но моќна серија на креативни јавни интервенции што имаа за цел да ги мобилизираат младите и јавноста во борбата против корупцијата.