Џина Лолобриџида ќе се кандидира за италијанскиот парламент


Познатата италијанска актерка Џина Лолобриџида ќе се натпреварува на изборите за Горниот дом (Сенатот) на италијанскиот парламент во септември, објави весникот „Ла Република“.

Според изданието, 95-годишната филмска ѕвезда ќе биде кандидат за политичката формација „Суверена и народна Италија“ (Исв), на чии листи е вклучена, благодарение на нејзиниот адвокат Антонио Ингроја. Оттаму се надеваат дека ќе ја надминат бариерата од 3 проценти што е потребна, според локалниот закон, за влез во парламентот.

Весникот забележува дека тоа нема да биде лесно, бидејќи по усвоената парламентарна реформа, бројот на пратеници е намален за околу една третина – во Долниот дом од 600 пратеници сега ќе биде 400, а во Горниот дом – од 315, тие се намалени на 200 сенатори.

Парламентарните избори ќе се одржат на 25 септември.

Ова не е прв обид на Лолобриџида за избори: таа во 1999 година се кандидираше за Европскиот парламент со листата „Демократи“, но успеа да собере само 10.000 гласови.

Во последниве години, името на актерката во световните хроники главно се поврзува со скандалозни приказни околу нејзиниот имот, за кој води судски спорови со нејзиниот внук Димитри. Роднините инсистираат на тоа дека Лолобриџида не може сама да управува со својот имот и е постојана жртва на уцени од луѓето околу неа.