Џезтетика- прва книга фотографии на Татјана Ранташа
На платото пред МКЦ денеска ќе се одржи матине-промоцијата на првата книга фотографии на Татјана Ранташа, облагородена со текстуалните варијации на Александар Прокопиев, наречена – „Џезтетика“.
– Книгата се состои од портрети на 50-тина македонски џез-музичари, претставени преку објективот на Татјана Ранташа, професионален фотограф што ги бележи сите позначајни музички настани во нашиот град. Оваа збирка фотографии е производ на долгогодишно „висење“ на авторката по концерти, клубови, проби и дружење со музичарите, еден цел живот испреплетен и оплеменет од нашата музика, соопштија од МКЦ.
Оттаму посочија дека фотографиите се медиум што на гледачите им ја пренесува магијата на музиката, но во исто време се и документ за едно време, луѓе и настани од нашето блиско минато, а самата книга е своевиден печат и спомен на она што сме го поминувале и доживувале на нашата музичка сцена сите овие години.
За сето тоа да помине во уште поубава и разиграна атмосфера ќе се погрижат ЗЏМ-Колективот и Ален Хаџи-Стефанов преку радиото Jazz FM.