Џемс О’Брајан ќе биде надлежен за Европа во Стејт департментот

Тој е познато лице на Балканот. Учествуваше во преговорите во Рамбује и Дејтон. А како помошник државен секретар доаѓа од местото шеф на Канцеларијата за координација на санкции


 

Американскиот претседател Џо Бајден ги објави плановите да го назначи поранешниот пратеник за Балканот, Џејмс О’Брајан за нов помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.  Неговиот опис на задачи повторно ќе биде Балканот, меѓу другото. Тој е искусен американски дипломат од времето на администрацијата на Бил Клинтон и дел од тимот на Мадлен Олбрајт.

Предлогот сега чека потврда од Сенатот на САД.

О’Брајан беше дел од американската делегација за време на преговорите меѓу Косово и Србија во Рамбује, во 1999 година. Тој тогаш работеше во координација и со Кристофер Хил. Двајцата сега повторно се во регионот, Хил како амбасадор во белград, а О-Брајан како еден од неговите претпоставени.

Од 2022 година, О’Брајан работи како шеф на Канцеларијата за координација на санкции, со ранг на амбасадор во Стејт департментот на САД.

Според соопштението од Белата куќа, О’Брајан претходно служел во две американски администрации како специјален претседателски пратеник. Поранешен кариерен дипломат во Стејт департментот и добитник на бројни награди за изведба од 1989 до 2001 година, тој беше виш советник на поранешната американска секретарка Медлин Олбрајт и претседателски претставник за Балканот.

О’Брајан исто така беше вклучен во изнаоѓање решение за ставање крај на војната во Босна и Херцеговина и помогна во формулирањето на Дејтонскиот договор од 1995 година.

„Тој водеше голема и успешна програма за санкции и советуваше за низа прашања, вклучувајќи мировни преговори во Европа, научни и еколошки договори, постсоветската транзиција на Русија и Украина и иницијативите за истрага и гонење на лица одговорни за воени злосторства“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Тој, исто така, ја предводеше поддршката на САД за Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, со седиште во Хаг, кој помогна да се изведат пред лицето на правдата одговорните за воени злосторства и злосторства против човештвото.

О’Брајан е и член на Советот за надворешни односи и студирал француски и руски јазик.