Џек Ма продаде дел од акциите во „Алибаба“ за 8,2 милијарди долари

Џек Ма, основачот на Алибаба, продал дел од акциите во таа кинеска компанија за електронска трговија за неколку милијарди долари, откако нивната вредност скокна за скоро 50 проценти, објави Си-Ен-Ен Бизнис.

Ма, кој е еден од најбогатите Кинези, со тоа го намали сопствениот удел во „Алибаба“ од 6,2 на 4,8 проценти, според годишниот извештај на компанијата за 2019 година, но не е прецизирано кога го сторил тоа или за колку пари.

Американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен, сепак, пресметува дека според сегашната пазарна цена, тој удел на акции е околу 8,2 милијарди долари, пренесува Блиц.

Џек Ма минатата година се повлече од позицијата претседател на Извршниот одбор на компанијата на возраст од 55 години, велејќи дека ќе го посвети своето време на филантропија.

Алибаба во мај објави дека нејзините дигитални платформи сега претставуваат една шестина од вкупната продажба на мало во Кина и дека очекува уште поголем раст затоа што пандемијата со КОВИД-19 донесе уште повеќе клиенти и промет преку Интернет.

„Веруваме дека онлајн начинот на купување ќе остане составен дел од нашето секојдневие дури и по пандемијата “, рече извршниот директор на „Алибаба “, Даниел Џанг, во годишниот извештај.

Во моментов Алибаба вреди околу 705 милијарди долари, што ја прави повредна компанија од Фејсбук, објави Си-Ен-Ен.