Џек Ма на Балканска турнеја, бил и во Скопје


Еден од најпознатите кинески бизнисмени, милијардерот и основач на „Алибаба“, Џек Ма деновиве бил виден и во Скопје, во еден од познатите ресторани на кејот на Вардар, јавија повеќе портали.

Независен претходно пренесе дека Ма бил снимен во ресторан во Белград, а тамошните медиуми пишуваа посетата ја поврзуваа со бизнис зделки.

Инаку, кинескиот милијардер бил и во посета на Сараево.

Како што пренесоа македонските портали, Ма, во придружба со повеќе луѓе бил на ручек во скопски ланч бар на Градскиот кеј, бил видно расположен и уживал во македонската храна и пијалок.

Не е позната причината за неговото присуство во главниот град, но регионалните медиуми веќе четири дена пишуваат за неговата посета на Балканот.

 

 

Кој е Џек Ма: Од незабележителен млад човек до најбогат човек во Кина

Од млад човек кој бил одбиен поради бројни работни места и прием на факултет, кој работел како водич и професор по англиски јазик, во 2015 година стигнал на листата на најбогати.

Џек Ма некогаш беше најбогат човек во Азија, а сега е четврти најбогат во Кина со имот од 24,6 милијарди долари.

Ма Јун, како што е неговото вистинско име, го помина трнливиот пат да стане еден од најбогатите луѓе во светот и го освои светот на е-трговијата со своите компании „Алибаба“ и „Ант груп“.

Џек Ма ја основа „Алибаба“ во 1999 година, по два неуспешни обиди да основа компанија за онлајн трговија. Тој убеди група од 17 пријатели да инвестираат во развојот на неговата идеја.

До октомври 1999 година, „Алибаба“ собра пет милиони евра од американскиот инвестициски гигант Голдман Сакс и 20 милиони долари од Софтвбанк, јапонска телекомуникациска компанија која инвестираше во технолошки фирми.

Потоа, во 2005 година, „Јаху“ инвестираше 1 милијарда долари во „Алибаба“ во замена за 40 отсто од акциите во компанијата. „Алибаба“ излезе на берза во 2014 година, со првична понуда на акции во вредност од 150 милијарди долари. Тоа беше најголемиот ИПО во историјата на Њујоршката берза.

Основачот на „Алибаба“ и „Ант груп“ во последните две и повеќе години минува низ неславен период во својата повеќедецениска кариера. Имено, во „Ант груп“ дојде до низа регулаторни измени поврзани со намалувањето на акциите во сопственост на Ма и неговото повлекување од раководството на компанијата.