Џеј Ди Венс: Мојата порака до Европа – Америка не сака континент вазал

„Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави - тоа е добро за Соединетите Држави“, вели американскиот потпретседател


Џеј Ди Венс вели дека „ја сака Европа“

 

Има барем еден мејнстрим европски политичар чиј фан е Џеј Ди Венс: иконскиот француски повоен лидер Шарл де Гол.

Во интервју за британската веб-страница за вести и мислење UnHerd, американскиот потпретседател рече дека Де Гол – кој го предводеше францускиот отпор во Втората светска војна против нацистите и беше претседател од 1959 до 1969 година – има право кога станува збор за европската воена независност.

Де Гол „ги сакаше Соединетите Американски Држави“, рече Венс, „но [тој] го препозна она што јас секако го препознавам, дека не е во интерес на Европа и не е во интерес на Америка, Европа да биде постојан безбедносен вазал на Соединетите Држави“.

Коментарите на Венс пристигнуваат додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп постојано ги прозива европските престолнини поради нивното претерано потпирање на американската воена моќ за сопствена одбрана, додека постојано навестува дека САД нема да им помогнат на сојузниците во НАТО кои не инвестираат во сопствената безбедност. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, исто така, предупреди дека американското воено присуство во Европа не е „вечно“.

Трамп сака земјите од НАТО да потрошат 5 отсто од својот БДП на одбраната – што е нагло зголемување од сегашната цел на Алијансата од 2 отсто, која треба да се зголеми на самитот во Хаг ова лето.

„Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави – тоа е добро за Соединетите Држави“, рече Венс. „Само навраќање низ историјата, мислам – искрено – Британците и Французите беа секако во право во нивните несогласувања со Ајзенхауер за Суецкиот канал“.

Во 1950-те, американскиот лидер Двајт Ајзенхауер ги принуди Лондон и Париз, пред Де Гол да стане претседател, да се повлечат од воената интервенција за да ја вратат контролата врз Суецкиот канал од Египет, што беше клучно за економските и колонијалните интереси на земјите.

Со исклучок на Британија, Франција и Полска, „повеќето европски нации немаат војска што може да обезбеди нивна разумна одбрана“, тврди Венс. „Реалноста е – тоа е безусловно да се каже, но исто така е точно – дека целата безбедносна инфраструктура на Европа, за целиот мој живот, беше субвенционирана од Соединетите Американски Држави“.

Де Гол, чие размислување го обликуваше Суец, честопати предупредуваше дека Европејците треба да бидат понезависни од САД и работеше на тоа да ја направи француската војска поавтономна, вклучително и со развивање нуклеарно оружје и моќна одбранбена индустрија. Тој инспирираше децениски притисок за она што сегашниот француски претседател Емануел Макрон сега го нарекува „стратешка автономија“.

Венс исто така размислуваше за европскиот одговор на американската инвазија на Ирак во 2003 година, која според него се претвори во „стратешка катастрофа“.

Додека САД се подготвуваа да го нападнат Ирак во 2003 година, многу европски нации, вклучително и Франција и Германија, се спротивставија на упадот, додека Британија ги поддржа САД.

Тој рече дека „многу европски нации беа во право“ што се сомневаа во војната во Ирак и тврди со скудни докази дека Европа можеше да ја запре доколку „бише малку понезависна и малку поподготвена да застане“.

Потпретседателот – кој претходно започна жестоки напади на стариот континент поради миграцијата и слободата на говорот – се обиде да ублажи дел од неговите критики нагласувајќи ја својата „љубов“ кон Европа.

„Ги сакам европските луѓе. Повеќепати реков дека мислам оти не можете да ја одделите американската култура од европската култура“, рече тој. „Ние сме во многу нешта производ на филозофии, теологии и, се разбира, моделите на миграција што излегоа од Европа што ги лансираа Соединетите Американски Држави“.

Но, додаде Венс, „европските лидери радикално недоволно инвестираа во безбедноста и тоа мора да се промени“.

Тој, исто така, повторно испрати отровни стрели кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, што е најновиот чин во војната на зборови меѓу двајцата политичари, која започна со нивната остра размена на Овалната соба во февруари, кога Венс го обвини Зеленски за „непочитување“.

Во интервју за американската информативна програма „60 минути“ во неделата, Зеленски го обвини потпретседателот дека „некако ја оправдувал“ руската инвазија и станал плен на дезинформациите на Москва.

Венс возврати, велејќи дека „некако еапсурдно Зеленски да ѝ каже на [американската] влада, која моментално ја држи целата негова влада и воените напори заедно, дека некако сме на страната на Русите“.

Тој, исто така, повтори дел од неговите критики на европските лидери за миграцијата и интеграцијата, велејќи дека „европското население продолжува да повикува за поразумни економски и миграциски политики, а лидерите на Европа продолжуваат да минуваат низ овие избори и продолжуваат да им нудат на европските народи спротивното од она за што се чини дека гласале“.

Тој, исто така, повика на посилна Европа, велејќи: „Не сакам Европејците да прават се што ќе им кажат Американците. Мислам дека тоа не е во нивен интерес, ниту мислам дека е во наш интерес“.