Недопустливо е во срцето на Пиринска Македонија да биде отворен клуб кој ќе сее сепаратизам и антибугарски тези, напиша бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во писмото до Владата на Бугарија околу  македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, што треба да биде отворен на 30 октомври во Благоевград.

– Недопустливо е во срцето на Пиринска Македонија да биде отворен клуб кој ќе сее сепаратизам и антибугарски тези. Потсетувам дека против тоа се изјасни и Советот на Општина Благоевград, кој донесе декларација за оваа тема, пишува европратеникот Џамбаски. Тој прашува дали во клубот има лица поврзани со, како што ги нарекува, „сепаратистичките организации“ ОМО Илинден и ОМО Илинден Пирин, дали има доставени информации и барање од официјалните власти од Скопје за отворање културен клуб во Благоевград и како тој ќе се администрира.

Нему му пречи и најавеното присуство на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на отворањето на клубот.

– Се сеќавам на неговите зборови дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е „отровен плод“, како и неговиот став за отфрлање на Договорот од страна на Северна Македонија. На неговите антибугарски манифестации можеме да ја додадеме и поддршката за сторителот на палењето на бугарскиот културен клуб Иван Михајлов во Битола, како и многу други, пишува европратеникот Џамбаски во писмото, за кого е нормално и политички прифатливо да се отвораат такви клубови во Македонија, дури и со имиња на сфашистички сојузници, а да не може да се отвораат на малцинство во Бугарија.